Голманот Елој Рум донесе историски бод за Курасао на Мундијалот

by irena 08:56
08:56

Многумина однапред ги отпишаа по дебаклот против Германија, кога примија седум голови, предвидувајќи им катастрофа и против Еквадор, но репрезентацијата на Курасао синоќа во Канзас освои голем бод, играјќи 0-0.

​Во натпревар во кој латиноамериканската репрезентација, по поразот од Брегот на Слоновата Коска, беше под императив на победа, главен протагонист беше голманот на Курасао, Елој Рум, кој со дури 15 интервенции ги направи неуспешни сите напори на ривалот да постигне гол.

​Многу историја беше напишана синоќа во Канзас, далеку поголема од бодот кој сосема заслужено отиде на контото на Курасао, а Рум со своите подвизи се приближи до рекордот, останувајќи на само една одбрана помалку од Тим Хауард во Бразил во 2014 година.

​Вистина, американскиот чувар на мрежата до таа бројка стигна по продолженија, па јасно е дека Рум испиша историја ако се гледаат исклучиво регуларните 90 минути игра.

​На Еквадор ни 27 упатени удари кон голот на малата репрезентација не му беа доволни да го пробие бедемот на Рум, кој излезе како херој од сите 15 удари што одеа во рамките на голот.

​Дека ова ќе биде вечер на Рум се почувствува уште во третата минута кога му спушти рампа на Енер Валенсија, а до крајот на полувремето следуваа уште низа добри одбрани, меѓу кои две се класифицираат како вонсериски.

​На крајот и гредата му беше сојузник, што беше и плод на среќата која ги следи храбрите, а голманот на Курасао ја покажа оваа особина во текот на целиот натпревар.

​Ова реми во групата Е најмногу ги израдува фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска, кои и покрај поразот од Германија останаа на второто место со два бода повеќе од Еквадор.

​Во следното коло африканската селекција ќе се соочи со Курасао, додека Еквадорците ги очекува тешка задача против Германија.

Слични вести