„Кога чавката се кити со туѓи перја“ – Јакимовски со критики за отворањето на базенот

by irena 22:14
22:14

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, реагираше по денешното отворање на затворениот базен во населбата Карпош 4, обвинувајќи дека актуелната власт се обидува да се претстави како заслужна за проект кој, според него, бил завршен уште за време на неговиот мандат.

„Добро е што конечно се отвора базенот. Но проблемот не е во отворањето, туку во лицемерието и фолирањето. Овој базен е речиси година и пол готов, но не беше пуштен во употреба. Додека јас бев градоначалник не сакаа да го отворат, а потоа уште неколку месеци се чекаше за да се создаде впечаток дека некој друг го изградил за кратко време“, напиша Јакимовски.

Тој тврди дека надлежните институции одбивале да се сретнат со изведувачот и формално да го преземат објектот, иако, како што наведува, базенот бил подготвен за употреба.

„Ако базенот беше пуштен во употреба минатата година, на сите ќе им беше јасно кој го реализирал проектот. Вака се обидуваат да се китат со туѓи перја“, порача Јакимовски.

Тој додаде дека денешното отворање не може да го промени фактот дека изградбата на базенот била завршена во периодот кога тој ја водел општината.

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и актуелното раководство на Општина Карпош денеска присуствуваа на отворањето на детскиот покриен базен во Карпош 4.

Јакимовски и претходно обвинуваше дека постоеле административни пречки за ставање на базенот во функција, тврдејќи дека објектот бил подготвен за користење уште пред локалните избори.

Слични вести