По бројните реакции во јавноста откако беше објавено дека документарниот филм посветен на животот на македонскиот рапер Марко Маринковиќ – Слаткаристика добил финансиска поддршка од Агенцијата за филм, музичарот се огласи на социјалните мрежи и соопшти дека проектот сепак ќе биде реализиран без средствата што му беа доделени.
Во својата објава, Слаткаристика посочи дека во изминатите денови прочитал различни коментари и написи во јавноста и забележал колку лесно се носат заклучоци кога информациите се нецелосни или погрешно интерпретирани.
„Сакам една работа да биде јасна – ниту барав, ниту мене ми се доделени пари“, напиша тој.
Според неговото појаснување, финансиска поддршка добил документарниот филм и тимот кој веќе две години работи на проектот, а приказната преку неговиот живот има цел да отвори пошироки општествени теми и да испрати пораки за разбирање, прифаќање и поддршка.
Слаткаристика изрази благодарност до Комисијата при Агенцијата за филм што ја препознала важноста на темата, но истовремено порача дека не сака проект кој промовира позитивни вредности да биде причина за нови поделби во јавноста.
„Искрено сум благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм“, напиша тој.
Додаде дека реализацијата на филмот продолжува со поддршка од соработниците, пријателите и луѓето кои со години ја следат и поддржуваат неговата работа.
„Продолжуваме понатаму заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас – луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“, порача Слаткаристика.
Биографскиот музички документарец го носи насловот „Слушни ме!“, а режисер на проектот е Раша Петровиќ.