Владата го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, со што се отвора патот тој да биде разгледан и усвоен во Собранието.
Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за значаен чекор во насока на унапредување на јавното здравје и создавање поздрав и побезбеден јавен простор за граѓаните. Законот е подготвен по обемни консултации со претставници на тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските служби и експертската јавност, со поддршка и од Светската здравствена организација.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува законското решение во најкус можен рок да биде усвоено и во Собранието. Тој посочи дека најголемиот дел од одредбите ќе стапат во сила веднаш по донесувањето на законот, додека угостителските објекти ќе имаат преоден рок од 12 месеци за целосно усогласување и адаптација на своите простори.
Според Мицкоски, текстот на законот претставува компромисно решение изработено низ инклузивен процес во кој биле вклучени сите засегнати страни – производители, дистрибутери, угостители, хотелиери и претставници на бизнис-заедницата. Целта, како што нагласи, е да се најде рамнотежа меѓу заштитата на здравјето и функционирањето на економските субјекти.
Претставниците на угостителскиот сектор, како што беше наведено, изразиле задоволство од партнерскиот пристап во подготовката на законското решение и ја поздравиле одлуката за едногодишен период на прилагодување, особено за уредување на терасите и другите делови од објектите.
Новото законско решение предвидува прецизни критериуми за уредување на простори каде ќе биде дозволено пушење, со што се затвораат досегашните нејаснотии и можности за различни толкувања. Воедно се најавуваат засилени инспекциски контроли и строги санкции за непочитување на правилата.
Премиерот и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот и нагласија дека нема да има исклучоци или привилегирани субјекти при неговото спроведување.