Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски на денешната седница во Апелациониот суд, каде се разгледуваат жалбите за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побара укинување на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој беше обвинет за помагање при грабнувањето.
Обвинителството смета дека првостепениот суд не направил целосна анализа на доказите и не се произнел за клучните околности поврзани со улогата на Ѓорчевски.
„Нема анализа на доказите. Судот не утврдил дали е или не е поврзан Александар со кривичните дела. Обвинетиот Александар има клучна улога од првото, до второто дело“, изјави Јакимовски.
Според него, до неделата попладне немало конечен договор за грабнување на Вања, а токму тогаш Љупчо Палевски ги повикал Велибор Манев и Боре Видевски да дојдат во Скопје.
„Во моментот кога се во партијата, таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина“, рече обвинителот.
Јакимовски се осврна и на однесувањето на Александар Ѓорчевски по исчезнувањето на Вања.
„Тој повторувал: ‘Детето е грабнато и убиено’, по што се упатува кон Качанички пат, по трасата по која Вања била однесена во гепек. Потоа спомнува: ‘Да не е постар човек грабнувачот’“, рече обвинителот.
Тој додаде дека Судот не се впуштил во анализа на ниту еден доказ што, според обвинителството, укажува на поврзаност на Ѓорчевски со настаните.
„Пресудата нема анализа на доказите, од неговата улога во првиот неуспешен обид за грабнување, па сè до самото грабнување“, додаде Јакимовски.
Обвинителот посочи и дека мајката и сестрата на Вања се приклучиле кон кривичниот прогон.
„Да не заборавиме, семејството се приклучува на кривичниот прогон. Улогата на судот кон семејството е да ја расчисти неговата улога“, изјави Јакимовски пред Апелациониот суд.