Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и членките на ЕУ треба да ја превенираат, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференцијата со нејзиниот албански колега Бајрам Бегај кој престојува во официјална посета на Македонија.
Претседателката Сиљановска Давкова повтори дека сме цврсто определени за влез во ЕУ и истакна дека во чекорењето на Црна Гора и Албанија на патот кон ЕУ гледа европски чекори и за целиот Западен Балкан.
-До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхагенските критериуми туку за нашата европеизација, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Таа при тоа подвлече дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека сериозно треба да се однесуваат земјите – членки на ЕУ, да ја превенираат.
-Ставањето на агендата на идентитетските прашања и на историските прашања само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите кои природно припаѓаат кон ЕУ, рече таа.
Македонската претседателка оцени дека односите меѓу нашата земја и Албанија се одлични и пријателски, немаме отворени прашања и имаме основа за продлабочување на соработката во сите области.
– Денешнава средба за мене е поттик за поинтензивна билатерална соработка и таа е уште еден влог во продлабочувањето на пријателството и на взаемната поддршка, рече претседателката.
Албанскиот претседател Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката. Блискоста е секојдневна, додаде тој, преку студентите, бизнисите, претприемачите, трговската размена, туристите… Коридорот 8, како што кажа, е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина.
Бегај исто така зборуваше и за клучната улога на Албанците во Македонија посочувајќи, меѓу другото, исто така и на почитувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, но и на почитување на правата на Македонците во Албанија. Тоа, рече тој, претставува силен мост за соработка помеѓу двете земји.