Тешка кражба на електрична енергија од трафостаница е откриена во скопски Бутел, а сторителот направил штета од околу 260.000 евра, информираат од ЕВН Дистрибуција.
Тим задолжен за откривање неовластена потрошувачка побарал асистенција од МВР, за да се изврши претрес и да се вклучи судски вештак.
Контролата била на деловен објект на улицата „Бутелска“ во Скопје.
По проверката е утврдено дека електричната енергија се користела противправно, преку нелегално приклучување на три нисконапонски кабли директно во трафостаница, која е сопственост на ЕВН.
Од ЕВН Дистрибуција појаснуваат дека поранешен млин е пренаменет за напојување опрема со графички картички за копање криптовалути (биткоини).
За случајот е составен записник за неовластено користење, изготвени се наод и стручно мислење од овластен вештак, а до МВР е поднесена кривична пријава за неовластено преземање електрична енергија, согласно член 235-а од Кривичниот законик.