Д-р Кедев одликуван со орден „8 септември“: Врвен медицински авторитет и прв Македонец што освоил 14 врвови над 8.000 метри

by irena 20:33
20:33

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го одликува кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8.000 метри.

Сиљановска Давкова, на доделувањето на орденот вечерва во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминува границите на потесната стручна област и се интегрира во колективната меморија на државата и на општеството.

– Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква – рече Сиљановска Давкова.

Доктор Кедев, додаде таа, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи.

– Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил – порача претседателката.

Освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот Кедев го смета за национален успех.

– Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот – порача кардиологот и алпинист Сашко Кедев, по примањето на Орденот „8 Септември“.
Кедев изрази длабока благодарност за одликувањето, кое рече дека иако опфаќа повеќе елемент од неговиот живот, го споделува со сите колеги со кои заедно ја формирале Интервентната кардиологија пред повеќе од 30 години.

– Суштината во животот е да најдеме активност што нема крајна цел, туку чиста мотивација без конкретна цел – рече тој.

Орденот на Кедев му се доделува и за храбриот придонес во конституирањето на самостојна и независна Република Македонија и за активното учество во развојот на македонската демократија, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, крунисани со членство во престижни научни меѓународни асоцијации. Понатаму, за уживање посебен углед како врвен интервентен кардиолог којшто вовел иновативни техники и методи, извршил неколку илјади коронарни интервенции и над 1.600 транс-радијални каротидни стентирања, за исклучителните образовни и научни успеси, потврдени со 230 публикации со импакт-фактор на платформата „Wеb of Science“, H-индекс 36 и 13.650 цитати, како и за продлабочувањето на меѓународната соработка како почесен конзул на Индонезија.

Слични вести