Експлозија во хемиска фабрика во Русија

by vlatko 13:45
13:45

Три жени загинаа, а пет лица беа повредени во тешка експлозија што ја потресе хемиската фабрика „Авангард“ во градот Стерлитамак, во руската република Башкирија, на падините на Урал.

Несреќата се случила во петокот вечерта, а според локалните власти, експлозијата била исклучително силна и целосно уништила една од фабричките згради.

„За жал, три лица го загубија животот – сите жени. Пет лица се хоспитализирани, две од нив во тешка состојба“, изјави регионалниот гувернер Радии Хабиров преку Телеграм.

Причините за експлозијата засега не се познати. Екипи на истражители и експерти за безбедност на работа се на лице место и ја испитуваат можната врска меѓу експлозијата и складирањето на експлозивни хемикалии.

Фабриката „Авангард“, која е дел од државниот концерн Ростех, произведува муниција, оружје и други воени материјали, како и хемикалии за индустриска употреба.

Според изјавата на гувернерот Хабиров, компанијата „ракува со експлозивни материи и има важна јавна улога“ во текот на тековниот конфликт во Украина.

Оваа трагедија повторно ја отвори дебатата за безбедносните стандарди во руската воена индустрија, која последниве години бележи низа несреќи поврзани со експлозии и технолошки дефекти.

Слични вести