Владата за шпекулацијата за разрешување на Петровска: Позицијата директор на Инспекторатот за животна средина е во надлежност на ДОМ

by fokus

По инфорамацијата дека на денешната владина седница наводно ќе биде разрешена Ана Петровска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, од Владата не добивме конкретен одговор дали Петровска навистина ќе биде разрешена, туку ни посочија дека кадровските решенија се дефинираат низ разговори со коалициските партии.

-Кадровските решенија за државните инспекторати како носители на јавни функции се дефинираат низ разговори со коалиционите партии од владината коалиција и со преземање политичка одговорност пред граѓаните од страна на секоја политичка партија за позицијата со која раководи.

Согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

Владината коалиција при изборот на кадровски решенија се води исклучиво од интересот на граѓаните, од потребата за целосна функционалност на Владата како организациска и како политичка целина, како и одржувањето на парламентарното мнозинство преку споделување на одговорноста меѓу сите партии од коалицијата, одговорија од Владата за „Фокус“.

Владината седница е закажана за во 14 часот, а Петровска, која денеска ги презентираше резултатите од сработеното во изминатите шест месеци, истакна дека не сака да коментира предвреме.

В.В.

Поврзани новости