Како птици од гнездо ни избегаа младите интелектуалци!

by fokus

По подолга пауза, фолк пејачот Наум Петрески деновиве сними нова песна и видео запис за истата. Насловена е ,,Гнездо”, а како што појаснува за ,,Фокус”, гнездото ја претставува нашата држава Македонија.

-Главната тема во песната е тоа што ни избега младиот интелект од државата, како птици од гнездото. Ќе има и промоција на видеото на 11-ти август, во ресторан во Радожда, и сите пријатели се добредојдени – вели Петрески.

Околу тоа дали се работи за високобуџетен спот, музичарот одговара дека откако ќе го изгледаат видеото, гледачите самите нека проценат.
Музиката и текстот на песната се на Даме Коларовски, додека аранжманот е заеднички на Даме Коларовски и Димитар Кочев.

Во тек на пандемијата, Петрески често јавно се жалеше поради забраната за настапи и кризата во која падна дел од естрадата. Лани, кога раскажа колкави финансиски загуби трпи поради рестрикциите, стана мета на напади и обвинувања од дел од јавноста, и актуелни беа пораките дека музичарите требало повеќе да штедат во времето кога имаа редовни настапи.

Сепак, и покрај тоа што се пожали на лошата финансиска состојба, тој ги донираше средствата кои Владата им ги одобри на естрадните уметници како помош во кризата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости