Откако скопјани повторно почнаа да се гушат од секојдневниот токсичниот амбиент, Горан Ангелов, директорот на „Дрисла“, побара прстот на вина да не вперува во депонијата. Тој се оправда дека воздухот таму бил многу поздрав и почист, отколку во општината во која живее, во Аеродром.
Тврдењето на директорот е точно! И „Фокус“ се увери во истото кога минатата година ја посетивме озогласената „Дрисла“. Факт е дека поставената мерна станица покажуваше минимално загадување, и тоа за неколку пати помало од останатите мерни станици во главниот град. Но, ова не е крајот на приказната. Таа има продолжение кое ја замаглува кристално чистата слика на директорот.
Покрај малата вредност на мерната станица, која ги мери ПМ 10 честичките, она што го забележавме при нашата посета беше дека таму има силно струење на воздухот, за разлика од загадените општини, кои се во дупка, односно речиси постојано дува ветер кој најверојатно и го растерува загадувањето.
Не треба да си експер за животна средина за да знаеш дека кога ќе дувне ветер и воздухот станува почист. Ова стана општо познат факт, па затоа градоначалниците редовно се молат да задува или заврне, зошто само така умеат од врат да ги симнат „досадните“ активисти.
Затоа го прашуваме директорот дали го измерил загадувањето во Батинци, Драчево или Ново Лисиче и дали знае од каде доаѓа?
На само 2 километри од Дрисла, во најблиското населено место Батинци не ви е потребна мерна станица за да го осетите загадувањето. Преку ден некако се живее, а ноќе е хорор приказна. Жителите, од кои дел вадат леб работејќи на Дрисла, за своето семејство „заработуваат“ и болести. Велат дека децата секојдневно се болни, а повозрасните умираат од рак!
Дека изминатите години, кога случајно или не, се појавија и шпекулациите дека се увезува странски отпад, енормно е зголемен бројот на заболени од рак на белите дробови, сведочеше и локалната докторка, која аларматни податоци добила и од колегите од Драчево и Лисиче.
Па наместо ова да биде аларм за надлежните институции, тие се правдаат дека немаат издвоена статистика на заболени само за овие населени места.
Па направете! Дајте да ги видиме бројките, па потоа паметувајте кој и колку загадува.
Додека државата не мрда со прст и нема официјални податоци црно на бело, народот со право стравува дека се увезуваат тони токсичен отпад кој ни се гори зад грб. И италијанските концесионери на скопската депонија се колнеа дека не увезле ниту еден грам отпад, но кога од Министерството за животна средина открија дека во два наврати барале дозвола за увоз, тогаш одеднаш замолкнаа. И затоа со право се шират приказни дека ноќе во Дрисла влегувале камиони со странско ѓубре, па дури и дека наводно биле со вооружена придружба?!
Голема е веројатноста дека ова се само шпекулации, но за да се побијат, на народот му е потребна вистинската приказна. Што точно се случува во Дрисла и зошто инспекторатот, предводен од ДУИ, со години не сака да стапне на депонијата?
Без грижа, таму се диши, доколку сте загрижени за вашето здравје, но доколку со директорот решите да се симнете и до Батинци, тогаш не заборавајте дека една маска не ви врши работа. Таму не само што не се дише, туку и се умира!
Валентина Вурмо