Милевски: Околу 100 милиони евра за здравство, подобри услови во училиштата и јакнење на администрацијата

by fokus

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече дека ја поздравува иницијативата на Делегацијата на ЕУ за презентирање на инструментите за финансирање проекти.

– Министерството е дел од овие програми, поточно го работи делот за меѓугранична соработка на државата со соседните држави и во овој период околу сто милиони евра се ставени на располагање на државата и на соседните држави кои се насочени во најразлични проекти од заштита на животната средина, заштитата на културното наследство, поддржување на вработувањата и претприемничкиот дух, подобрување на здравствените услуги, подобрување на условите во училиштата, јакнење на администрацијата за да одговори на потребите на граѓаните, рече Милевски.

Милевски истакна дека во моментот активни се 91 проект за меѓуграничната соработка, при што ја поздрави идејата на Делегацијата на ЕК следната година да го поддржи јакнењето на капацитетот на локалната самоуправа.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, рече дека целта на настанот е не само да се презентираат програмите за финансирање, туку како да се подобри целокупното работење во рамки на фондовите и имплементацијата на проекти.

„Вториот дел од настанот ќе биде објаснувањето на фокус точките за ЕУ во општините и тоа е нова идеја што има за цел да ја приближи Унијата до граѓаните и да им овозможи да имаат поблиска соработка. На ваков начин ќе се види не само она што е достапно за самите општини, туку и како да се оствари соработката меѓу сите засегнати страни“ истакна Бертолини.

Работилницата е последната во серијата работилници што се одржаа во 25 општини и има за цел да ги запознае како пошироката јавност, така и општините во регионот на Скопје, со инструментите за финансирање на ЕУ.

Европската Унија е најголемиот донатор во земјава, со над 90 милиони евра на годишно ниво за поддршка на национални реформи во различни сектори. Освен Инструментот за претпристапна помош (ИПА), ЕУ има и други можности за поддршка на земјава на нејзиниот пат кон полноправно членство.

Поврзани новости