Жбогар уверува: ЕУ останува тука, со или без датум за преговори

by fokus

Високата политика треба да се остави во Брисел, а Делегацијата на ЕУ останува тука, без оглед дали земјава добила или не датум за почеток на преговори со Унијата, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар во однос на новата методологија на преговарање, пред почетокот на Работилницата за финансиска поддршка што ја овозможува ЕУ.

– Многу е рано да се зборува за новата методологија. Како што кажав и претходно, тоа треба да се остави на високата политика на земјите членки и на дискусиите во Брисел. Она на што ние треба да се фокусираме е што можеме да направиме како ЕУ делегација, за да им покажеме на луѓето дека сме тука да ја продолжиме поддршката, рече Жбогар.

Тој истакна дека Европа е тука и ќе остане тука, со зголемени фондови, особено за општините, во кои, како што рече, луѓето треба да се чувствуваат и да живеат европски, без разлика дали се или не се отворени преговори.

– Како ЕУ делегација немаме голема улога во процесот на носење одлуки на високата политика во Брисел, но имаме улога тука во земјава да им покажеме на граѓаните дека сме тука, за политичка поддршка, со фондови. ЕУ е најголемиот донатор во земјава и обезбедува речиси сто милиони евра годишно во фондови за земјава, и уште повеќе фондови ќе пристигнат во иднина, додаде Жбогар.

Поврзани новости