Мијалков: Нема докази дека во УБК незаконски се прислушувало, ако имало пропусти како директор би требало да одговарам за несовесно работење во службата

by fokus

Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, денеска во судница како обвинет во случајот за масовното нелегално прислушување, „Таргет и Тврдина“, даваше своја одбрана.

Тој негираше дека во Управата се вршело нелегално прислушување, потенцирајќи дека тој никому, никогаш не дал наредба да се прислушува нечиј телефон.

На прашањето на обвинителката Ленче Ристоска дали доколку имало пропусти во работата на УБК, тој како директор има одговорност, Мијалков одговори:

-Се согласувам дека, ако се случат некои пропусти, директорот има одговорност, но она што ми го давате како квалификација во вашето обвинение не е соодветно. Ако требаше да поднесам таков тип одговорност, тогаш во обвинението требаше да има друга квалификација, а тоа е несовесно работење во службата. А за овие квалификации што ги имате наведено јас не видов ниту еден материјален или вербален доказ, одговори Мијалков.

На крајот, тој, повторно потенцираше дека не се согласува оти во земјава имало незаконско следење на комуникациите.

Покрај Мијалков и Јанкулоска, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Поврзани новости