Од МВР информираат дека поднеле кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“ против директор и вработени во УХМР, како и против правни лица.
-На 15.10.2026 Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против девет физички и едно правно лице и тоа: И.Т. (53), Р.Б. (61), Н.А. (63), Ј.М. (58), А.С. (43), С.А.М. (64), С.С. (61), Л.К. (64), сите вработени во Управа за хидрометеоролошки работи Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.4 во врска со ст.1) во врска со (чл.22) „соизвршителство“ од КЗ, В.Х. (48), управител на правно лице од Битола за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.3 во врска со ст.1) во врска со (чл.22) „соизвршителство“ од КЗ и правно лице од Скопје за „фалсификување исправа“ (член 378 ст.4 во врска со ст.1) од КЗ, информираат од МВР.
Оттаму појаснуваат како била извршена злоупотребата.
-И.Т. во својство на в.д. директор на УХМР, ја злоупотребил својата службена положба, со намера да овозможи противправна имотна корист за други, така што постапил спротивно на одредбите на Етичкиот кодекс на Светска метереолошка организација, на кои се обврзал со договор од 2023 година. Тој, иако знаел дека се правно нецелосни и процедурално неисправни, донел две посебни одлуки за набавка во различен период за ист настан. Притоа и покрај фактот што однапред имал добиено спецификација за потребни количини на услуги за вкупните потреби и обемот на настанот, постапката ја спровел врз основа на изменета спецификација по единечна количина. Дополнително, без претходно изготвен и потпишан записник од отворање на понудите и извештај од спроведена постапка, го прифатил предлогот за избор од Комисијата врз основа на „најниска цена“. Воедно, истиот бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Етичкиот кодекс на СМО, дека понудувачите не ги исполнуваат условите, како и дека за сите ставки од техничката спецификација нема понудено цени, а критериум за избор бил „најниска цена“, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР Скопје со правното лице од Скопје склучил договор за набавка на услуги, со што му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист од вкупно 29.244.786 денари. Исто така, донел и втора одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР Скопје со правното лице од Битола склучил договор за набавка за печатење промотивен работен материјал и ситен инвентар, со што овозможил правното лице да се стекне со противправна имотна корист од вкупно 782.050 денари.
Р.Б. – претседател на комисија, Н.А. и Ј.М.- членови на Комисија за спроведување на набавка, во текот на 2023 година постапиле спротивно на одредбите на Етичкиот кодекс на СМО и спротивно на условите и критериумите утврдени во документацијата за набавка. Тие иако знаеле и биле свесни дека понудата на правното лице од Скопје е задоцнета и не ги исполнува условите и критериумите во документацијата за набавка, како и дека понудата на правното лице од Битола е технички неисправна, спротивно на фактичката состојба, без да изготват и потпишат записник и извештај од спроведена постапка, преку формален записник од состанок на комисија дале предлог за избор на најповолна понуда врз основа на цената, иако за сите ставки од техничката спецификација економскиот оператор не понудил цена и не може да се одбере најниска понуда без целосно пополнета техничка спецификација.
А.С. – изготвувач на одлука за набавка и С.А.М. и С.С.- одобрувачи на набавка, иако знаеле дека одлуката правно е нецелосна и процедурално неисправна, изготвиле и своерачно потпишале одлука за набавка. Исто така, А.С. изготвила, а С.А.М. и С.С. контролирале и ставиле своерачни потписи и пуштиле во реализација фактура која нема прилог – докази и содржи измислени кофициенти, со што извршиле свесна верификација на невистинити финансиски податоци и овозможиле неоснована исплата.
Л.К. – контролор од Секторот за финансии, контролирала и ставила своерачен потпис и пуштила во реализација фактура која нема прилог – докази и содржи измислени кофициенти, не е согласно понудата од техничката спецификација, пропуштајќи да изврши задолжителна суштинска и претходна финансиска контрола на доказите. Со ова дејствије, истата извршила свесна верификација на невистинити финансиски податоци и свесно пуштила во реализација и ликвидација финансиска фактура и овозможила неоснована исплата.
В.Х. – управител и одговорно лице во правното лице од Битола, во име и за сметка на истото, спротивно на императивните услови утврдени во документацијата за поднесување понуда, доставил понуда која уште во самиот старт е формално и технички неисправна, со цел да се остави простор за последователни манипулации со содржината, а со што понудата го губи легитимитетот на официјален и правно обврзувачки документ за целата содржина. С.С. (починат), во критичниот период управител и одговорно лице во правното лице од Скопје до УХМР во име на правното лице доставувал фактури кои содржеле невистинита содржина и не одговарале на понудените цени во техничката спецификација и обемот на услугите кои биле извршени.
Со горенаведените дејствија И.Т., Р.Б., Н.А., Ј.М., А.С., С.А.М., С.С. и Л.К. постапиле спротивно на Етичкиот кодекс на СМО и овозможиле противправна имотна корист од 29.244.786 денари (475.000 евра) на правното лице од Скопје и противправна имотна корист од 782.050 денари (12.715 евра) на правното лице од Битола, појаснуваат од МВР.