СОНК избира нов претседател: Јаким Неделков заминува по 16 години

by irena 12:12
12:12

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го одржува својот осми конгрес, на кој треба да биде избрано новото синдикално раководство. По 16 години поминати на претседателската функција, Јаким Неделков се повлекува од челната позиција, а како единствен кандидат за негов наследник е предложен Стојко Рамов.

Во пресрет на конгресот, Неделков направи осврт на досегашната работа на синдикатот, оценувајќи дека во изминатите години биле постигнати значајни резултати во подобрувањето на материјалната положба на вработените во образованието, науката и детската заштита.

Тој истакна дека е особено задоволен од постигнатите договори за зголемување на платите, нагласувајќи дека синдикатот успеал да издејствува повисоки примања и во периоди кога економските услови биле неповолни, а инфлацијата значително ја намалувала куповната моќ на граѓаните.

Според Неделков, во минатото зголемувањата на платите најчесто биле ограничени на пет проценти, но преку синдикалните активности и преговорите со надлежните институции биле обезбедени покачувања од 15 и 18 проценти.

„Инфлацијата беше огромна, а ние имавме само пет проценти зголемување на плати. Значи тој праг ние го срушивме. Имавме зголемување на плати по петнаесет проценти, осмнаесет проценти и така натака“, изјави Неделков.

Тој посочи дека, според неговите пресметки, вкупното зголемување на платите во детската заштита и образованието во изминатиот мандатен период надминало 70 проценти, додека во високото образование и научната дејност достигнало приближно 100 проценти.

Со денешниот конгрес завршува долгогодишното раководење на Неделков со СОНК, а изборот на нов претседател треба да означи почеток на нов период во функционирањето на синдикатот, кој ги застапува интересите на вработените во образованието, науката и културата.

Слични вести