Две години СЈО води предистражна постапка за убиството на Нешкоски, тигарот Спасов нервозен

by fokus

Во 2016 година Специјалното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за убиството на Мартин Нешкоски, иако тогаш тигарот Игор Спасов веќе ја минуваше четвртата година зад решетки, правосилно осуден за убиство и тоа на казна од 14 години. Тогаш се појави надеж дека конечно за овој случај целата вистина ќе излезе на виделина, а Спасов пак нестрпливо ја бараше својата вистина. Но, и по две години, од СЈО за „Фокус“ појаснуваат дека овој случај се уште е во фаза на предистражна постапка.

На почетокот СЈО тргна со голем залет, односно Спасов во три наврати, колку што го уловија новинарите, беше на распит. Првиот пат беше повикан на 4 февруари, потоа на 3 март, а последниот распит му беше извршен на 12 мај 2016 година. Тогаш неговиот адвокат Ване Андреев за „Фокус“ појасни дека предистражната постапка на обвинителите била насочена кон други лица и други кривични дела, а Спасов не бил осомничен, туку сведок.

Сега Андреев вели дека нема информација до каде е истрагата на СЈО, истакнувајќи дека Спасов е нервозен и нестрплив бидејќи последната надеж му била во Специјалното јавно обвинителство.

Поради недостиг од официјални податоци, шпекулациите одеа дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно наводно има индиции дека вечерта на 5 јуни, во текот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, а не Игор Спасов. Според нашите неофицијални информации, Специјалното јавно обвинителство е на трага дека Мартин бил удрен во пределот на главата, но не на скопскиот плоштад, туку на друга локација, а подоцна се случува брканицата со Спасов на плоштадот, по што му се слошува. Обдукцијата, подоцна, покажа дека кобен за Мартин бил ударот во глава.

Дека не го удрил во пределот на главата тврдеше и осудениот „тигар“. На едно од судските рочишта, на еден метар оддалеченост од мајката на  Мартин, стана, ја погледна во очи, и сосема смирено рече:

– Со чисто срце ќе ве погледнам. Јас не го убив Мартин. Да знаев како му е на раце ќе го однесев во болница. Ако барате обвинет, тука сум, но ако ја сакате вистината, не гледајте во мене, изјави Спасов.

Тој во својот завршен збор рече дека судењето било коректно, но истакна дека му забележува на Јавното обвинителство што не го доистражило случајот до крај.

– Долго време размислував дали да дадам завршен збор и конечно решив дека тоа треба да го сторам од една единствена причина: тоа им го должам на моето и на семејството на сега починатиот Мартин, бидејќи сите тие треба да ја знаат вистината. Јас не го убив Мартин, ниту, пак имав некој посебен мотив да го сторам тоа. Дали некој друг, пред настанот, со глава, го удрил Мартин по носот поради што дошло до забрзано работење на срцето, јас не можам да кажам, но знам дека јас го немам удрено по глава, рече тогаш обвинетиот Спасов.

Тој рече и дека не треба да се исклучи можноста тоа лице, случајно, да е вработено во МВР, но дека би било коректно судот да ги има предвид сите докази кои беа презентирани.

– Што е, тука е! Знам зошто молчев од самиот почеток и знам зошто сето ова што се случува – се случува. Жално е тоа што згасна еден млад живот и што се повредени две семејства. Ако можам да го вратам времето јас повторно ќе постапев како службено лице, бидејќи однесувањето на Мартин не се вклопува во безбедносниот протокол, рече Спасов, во судница во 2012 година.

На последното судско рочиште ѝ се извини на сопругата, порачувајќи дека морало да премолчи детали од кобната вечер, заради сигурност и безбедност на своето семејство.

После толку години од убиството СЈО е пред тешка задача, бидејќи освен доказите кои прозилегуваат од „бомбите“, многу е тешко да обезбедат нови докази. Како што неофицијално дознаваме, енигмата можело да ја разреши едно момче, кое додека истрагата ја водело основното обвинителство требало да биде заштитен сведок, но по неколку дена се прдомислило. Наводно истиот сведок не сакал ниту да сорабоува со обвинителите од СЈО и тоа како што дознаваме поради страв.

Семејството на Нешкоски бараше и командна одговорност од тогашниот врв на МВР, но тие никогаш не беа исправени пред лицето на правдата.

Спасов, пак, неодамна го привлече вниманието врз себе кога се дозна дека избегал од отвореното одделение од затворот Идризово каде што бил сместен. Според информациите, Спасов го немало неколку часа, по што самиот се вратил назад.

Валентина Вурмо

Поврзани новости