12 општини одвоија пари за новогодишно украсување, таблети за учениците главно се обезбедуваат преку донации

by fokus

11 општини плус Град Скопје ќе одвојат пари од своите општински буџети за новогодишно украсување. Имаат распишано јавни огласи за набавка со кои ќе ги украсуваат јавните површини.

Град Скопје за оваа намена одвои 200.000 евра, без ДДВ. Освен Град Скопје, од скопски општини огласи за јавни набавки за украсување имаат распишано и:

Општина Карпош (набавка од мала вредност, односно не повеќе од 10.000 евра)
Општина Гази Баба
-Општина Чаир

Од општини од внатрешноста, пари за украсување ќе одвојат:

Општина Свети Николе (набавка од мала вредност)
Општина Гевгелија (набавка од мала вредност)
Општина Пробиштип (набавка од мала вредност)
Општина Ресен (набавка од мала вредност)
Општина Валандово (набавка од мала вредност)
Општина Крива Паланка (набавка од мала вредност)
Општина Охрид (ќе изнајмува украси)
Општина Радовиш

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави дека немаме право да им ја одземеме надежта и радоста на граѓаните и децата и да се откажеме од новогодишното украсување.

-Уште во септември пред почеток на учебната година, набавивме лаптопи за сите деца од средните училишта кои се под надлежност на Град Скопје, а кои немаа можност онлајн да следат настава. Овозможени се и сите технички услови во однос на интернет за следење на наставата. Тоа значи дека немаме ниту потреба парите да се пренасочуваат, ниту за компјутери за учениците, смета Шилегов.

Од Град Скопје до објавување на овој текст не одговорија на испратените прашања, меѓу кои и прашањето: Колкава сума за набавка на таблети за ученици досега Град Скопје има одвоено од својот Буџет (не сметајќи ги донациите)?.

Откако, започна учебната година, според електронскиот систем за јавни набавки, само две општини распишале оглас за набавка на таблети. Општина Велес има распишано оглас за набавка на 240 таблети, а општина Битола оглас за 30 таблети.

Таблети за учениците главно се набавуваат преку донации од амбасади и приватни компании, како и од блок дотациите од државниот буџет кои се наменети за тековните трошоци на училиштата.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости