За Јанкулоска има висок безбедносен ризик во „Идризово“, затоа секогаш ќе се движи со придружба

by fokus

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, веќе две недели е во затворот „Идрзиово“, каде што треба да издржи 4-годишна затворска казна како осудена во случајот „Тенк“. Таа се уште се наоѓа во приемното одделение, но од вторник ќе биде сместена во затвореното одделение.

Оваа одделение е поделено на да три третмански групи, V1-1, V-2 и V-3, кои се разликуваат по слободата на движење внатре во установата. Јанкулоска, пак најверојатно ќе биде сместена во групата V-3.

-Бидејќи станува збор за поранешен висок функционер, стручниот тим процени дека за неа постои висок безбедносен ризик. Поради тоа, кога ќе биде во движење, дали на задолжителната прошетка, на лекар, или додека е работно ангажирана, таа постојано ќе биде во придружба на службено лице, изјави за „Фокус“ директорот на затворот, Александар Донев.

Тој додава дека Јанулоска се изјаснила дека сака да работи, дека сака да биде ангажирана и во внатрешниот весник на затворот, поради што и додека ги извршува овие обврски ќе биде во придружба на вработен во затворот.

Тој појаснува дека проблем постои околу нејзиното сместување во просторија, бидејќи тука нема ќелии, туку соби во павиљони, во кои затвореничките слободно се движат од соба во соба.

-Поради високиот безбедносен ризик е одлучено да се смети во павиљон во кој има 7-8 жени и тоа во соба која е најблиску до секторот за обезбедување, вели директорот Донев.

Екс министерката на 28 септември беше спроведена во затворот, откако Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Тенк“.

Валентина Вурмо

Поврзани новости