Корона вирусот коси во Струмица, струмичани уверени дека некој ги лаже за да испере пари!

by fokus

Во тек на вчерашниот ден во Струмица беа регистрирани рекордни 44 нови случаи на корона вирус. Градот станува ново жариште на вирусот со 232 активни случаи, но сепак тоа како да не им е доволен аларм на голем број на струмичани, кои се уште не веруваат во вирусот и упорно тврдат дека станува збор за завера.

Под објавите за актуелната состојба со Ковид -19 во регионалните струмички медиуми, на социјалните мрежи можат да се забележат стотици коментари, во кои граѓаните одбиваат да поверуваат дека станува збор за опасен вирус кој бргу се шири, па тврдоглаво се држат до своите убедувања дека се работи за светска завера, смислена од наводна мафија која сака да го затвори дома и економски да го уништи обичниот граѓанин.

На објавите од лица од Струмица, кои откриваат дека и самите го прележале вирусот, и како воопшто не е наивен и ниту малку може да се спореди со обичен грип, нивните сограѓани ги ставаат на линч, обвинувајќи ги дека се платеници кои добиле илјадници евра за да лажат дека биле инфицирани.

Ниската здравствена писменост, недостатокот на емпатија, но и желбата да се продолжи со животот како пред пандемијата, со цел да не се нарушуваат старите животни навики и да не се жртвува задоволството од дружење, излегување, ,,терање” на семејни слави, кои во претстојниот период ги има во голем број, очигледно преовладуваат над здравиот разум и се занемарува фактот дека граѓаните можат да бидат доведени во состојба да нема кој да ги лекува.

И покрај редовните апели на здравствените власти, но и на здравствени работници, кои буквално изминатиот период ги молат граѓаните за дисциплина и почитување на мерките, бидејќи медицинскиот персонал е веќе изнемоштен, а е најавена и изградба на 16 мобилни болници, добар дел од граѓаните уште не можат да сфатат дека земјата се наоѓа пред сериозен предизвик, под напливот на новорегистрирани случаи, чиј број секојдневно се зголемува.

Од почетокот на пандемијата, во Струмица се инфицираа 394 лица, а неколку и починаа. Најмладата пациентка почината од последици на Ковид-19 во Струмица имаше 29 години.

Струмичкиот градоначалник Коста Јаневски апелира најсериозно да се сфати состојбата со Ковид-19 и да се почитуваат донесените протоколи за работа и мерки за заштита.
Тој информираше дека Локалниот совет имал повеќе средби со целни групи, односно со угостителите, но и со претставници на банките, пред чии филијали се зачестиле гужвите, со цел да се изнајдат решенија за поголема заштита на граѓаните од вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости