Петмина судии нема да можат да го судат случајот ,,Пулс”, постојат законски пречки и изземања

by valentina 12:13
12:13

Денеска Кривичниот суд информираше дека во целост е одобрено обвинението за пожарот во дискотеката ,,Пулс” во Кочани, во кој загинаа 62 млади, а над 200 беа повредени.

Ова значи дека судењето ќе започне наскоро, а следната недела ќе биде познато кој судија ќе го суди предметот. Од судот откриваат дека досега неколку судии се изземале од оценка на предметот, а потоа и да го судат предметот. Станува збор за вкупно пет судии.

Најпрвин од оценка на предметот се изземале две судијки. Едната била во роднинска врска со една од жртвите, а на другата судијка ќерка и е бранител во случајот.

-Веднаш по приемот на обвинителниот акт истиот е распределен во Одделението за кривично полнолетни. Со оглед дека станува збор за обвинителен акт кој согласно законските одредби треба да биде оценет од совет, актот преку АКМИС системот се распредели кај судијата Моника Бахчовановска, која постапува како Претседател на советот за оценка на обвинителен акт. Согласно Годишниот распоред во совет за оценка заедно со судијата Моника Бахчовановска, се судиите Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска. Овие две судијки побараа изземање од советот за оценка, бидејќи ќерката на судијата Билјана Коцевска – адвокат Ивана Коцевска е бранител на дел од осомничените, а судијата Бранка Наумовска е во роднинска врска со една од жртвите, причини што се предвидени во законот како основ за изземање, појаснуваат од Кривичниот суд.

По изземањето на судијките, актот го оцениле судиите Софче Гаврилова Ефремов и Илија Трпков. Но ова значи и дека овие двајца судии нема да можат да го судат предметот.

-По изземањето на овие две судии, како судии кои што ќе постапуваат во фазата на оценка поставени се двајца судии од Специјализираното одделение за судење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција и тоа судијата Софче Гаврилова Ефремов и судијата Илија Трпков. Нивното определување е на начин како што актите од одделението за организиран криминал и корупција ги оценуваат судии од одделот за кривично полнолетни (а ова е од причина што судиите кои што го оценувале актот не можат да учествуваат во постапка на главна расправа, а се со цел да не се доведе Основниот кривичен суд Скопје како најголем суд во државата да нема судии кои што ќе постапуваат по овој предмет). Двата члена на советот за оценка се поставени по редослед според годишниот распоред, како што и е предвидено во Судскиот деловник, објаснуваат од судот.

Подоцна е изземан уште едне судија.

-Од постапување во кривичниот совет изземен е и судијата Ивица Стефановски, од причина што како бранители во овој предмет се јавуваат неговата сестра и бранител со кој е во кумовска врска, додека пак судијата Елизабета Постоловска, која го нема законски предвиденото искуство, не може да постапува по овој предмет и заради сето тоа при распределбата на предметот овие судии се исклучени од автоматската распределба во АКМИС системот, велат од судот.

Сепак додаваат дека е одреден судечки судија, но неговото име ќе биде соопштено во јавноста откако најпрвин лично ќе биде информиран.

-Предметот согласно АКМИС системот е распределен кај надлежен судија за понатамошно постапување, а за сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, странките и јавноста ќе бидат известени, велат од судот.

Валентина Вурмо

Слични вести