Пишува Денко МАЛЕСКИ

Ова, се разбира, треба да биде време за сериозни размислувања и анализи, но, не и за поставување услови за поддршката на премиерот и на министерот за надворешни работи. Зборувам за услови врзани со исходот од преговорите со Грција. Зашто, нема човек во Македонија кој, повеќе од нив двајца сака, на крајот од преговорите, да „дојава на бел коњ“ како победник за Македонија. Тоа го знам од лично искуство.

Но, во ваков спор, целосно асиментричен, во кој моќта е само на едната страна, победа не е можна. Всушност, како што покажуваат изминативе триесетина години, моќната страна може да биде покрената во барање решение само под притисок на сила поголема од сопствената. Тоа, во моментов, е силата на Америка и на ЕУ, раководена, примарно, од безбедноста на западниот сојуз, но и нашата.

Меѓутоа, овие држави, со својот притисок, нема да можат да одат дотаму за да ги нарушат односите со Грција, нивен важен и незгоден стратешки партнер. Значи, отстапките кои Грција ќе ги направи, во голема мерка, зависат од  западниот притисок, кој и самиот има граници – единството на нивниот сојуз.

Драматургијата која ја следи дипломатијата: запалените рефлектори, камерите, новинарите и конференциските маси, не треба да нѐ залажува. Таа јавна манифестација на еднаквост на претставници на две држави, имено, е лажна. Формално-правната еднаквост на државите не може да ја замени нивната фактичка нееднаквост во односот на моќта која ја поседуваат.

Затоа, да бидеме благодарни што некој се зафати со поправање на пустошот кој зад себе го оставија двата национализми, грчкиот и македонскиот, и тоа да го оцениме како чин на голема лична храброст. Во меѓународната политика, во принцип, а во нашиот случај особено, изборот е помеѓу две зла.

Каков и да биде исходот, луѓето во Македонија ќе бидат незадоволни од резултататите на своите политички репрезенти: за едни, во случај на компромис, дека отишле предалеку во попуштањето, додека за други, во случај на неуспех на преговорите, дека не попуштоле доволно за да се спаси народот и државата.

Во еден свој политички есеј, Бернард Шо, пишува дека кога продира вода во бродот, не е време за расчистување стари сметки или за условувања. Тогаш, имено, секој треба да се фати за пумпа или за кофа… Така и во нашата ситуација со преговорите со Грција: да помогнеме и со ништо да не ја условуваме поддршката.

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.