Министествата за образование и наука и за труд и социјална политика ја поддржаа кампњата #СегаКажувам со која жртви на сексуално вознемирување ги опишуваат на социјалните мрежи своите искуства, со цел да се подигне јавната свест против сексистичкото однесување.

Од Министерството за образование и наука ги охрабруваат сите ученици и студенти да пријават обиди или случаи на сексуално вознемирување во Државниот просветен инспекторат. На наставниците им порачуваат да пријават случаи на сексуално вознемирување доколку ги забележат, и да ги заштитат своите ученици и студенти.

„Наставникот/професорот треба да претставува пример во однесувањето за своите ученици и студенти и затоа најстрого ќе ги казниме ваквите сериозни престапи за несовесно и неетичко работење. #СегаКажувам ги охрабрува сите жртви на сексуално вознемирување да ги изразат своите трауматични искуства и да ја кренат свесноста за ова значајно прашање. #СегаКажувам за елиминирање на табуата во образованието и за подобро сексуално здравје“, соопштија од таму.

Од Министерството за труд и социјална велат дека охрабрувањето и истапувањето се важни за промена на свеста, за промена на односот кон жртвите, но и за идентификување на оние облици на насилство кои не се препознаваат како такви.

„Настојуваме целосно да го промениме третманот кон родово заснованото насилство. Затоа и инсистиравме на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како Истанбулска Конвенција. Со овој чекор државата презеде обврска да ги третира сите форми на насилство врз жената, да презема мерки за заштита на жртвите и за санкционирање на насилниците. #СегаКажувам го помага и јакнењето на институционалниот капацитет, довербата и подготвеноста да се пријавуваат ваквите случаи. #СегаКажувам за општество во кое никој нема да молчи“, велат од Министерството на Мила Царовска.

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.