Стојчев од ГОБ „8 Септември“: Грабнувањето на починатиот пациент од болницата е со цел да не му се изврши обдукција

by Fokus

Доктор Сашо Стојчев, директор во Градската болница „8 Септември“ во изјава за „Фокус“ потврдува дека 20-30 луѓе вчера влегле и го демолирале Ургентниот центар на старата Воена болница, плашејќи се на телото на починатиот пациент да не се изврши обдукција и веднаш го земале починатиот со себе.

Станува збор за 46-годишен пациент Албанец, кој според тврдењата не покажувал знаци на живот уште кога бил донесен во болницата.

– Пациентот бил донесен со Брза Помош во болницата. Во периодот кога се дигнале рампите да влезе Итната Помош влегле уште 20-30 луѓе со автомобили кои ја искршиле рампата се со цел да го земат починатиот пациент кој не покажувал знаци на живот уште кога бил донесен на реанимација. Колку што имам информации, пациентот претходно бил потполно здрав, немал никакви здравствени проблеми. Наводно бил во кафана и му се слошило – објаснува доктор Стојчев.

Тој додава дека тие луѓе кои упаднале во Ургентниот центар и реагирале насилно, сакале да го земат починатиот за врз неговото тело да не се врши обдукција.

– Според нивните обичаи кога некој ќе почине, не смее да се сече и од таму била таа нивна жестока реакција. После тоа, веднаш потпишале дека не дозволуваат обдукција. Не се работи за насилна смрт, природна смрт е. Но, кога настапува нагло мора да се изврши обдукција за да се види која е причината што ја предизвикала смртта. Од тие причини и го грабнаа телото. Добро е тоа што немаше никаков напад врз лекарите. Случајот е пријавен во МВР – истакна Стојчев.

И.М.

Поврзани новости