Петиција: Архивата на Македонија да се врати во стариот објект

by fokus 11:39
11:39

Проф. д-р Катерина Тодоровска, научен советник во Институтот за национална историја иницираше онлајн петиција „Да се запре пренамената на старата зграда на Државниот архив на Р.М“.

„Замолувам да се приклучите со громогласно пишување на вашата поддршка на оваа моја идеја. Ова посебно го адресирам и кон вработените во Државниот архив на Република Македонија кои немаат воздух во канцелариите, немаат дневна светлина во канцелариите, се гушат на 7-ми кат во новата зграда на Архивот, која во никој случај не располага со соодветни услови за чување на архивска граѓа“, стои во петицијата на Тодоровска.

- Advertisements -

Зградата на Државниот архив датира од крајот на 60-ите години од минатиот век. Но, по речиси пет децении чување на архивска граѓа на историјата на македонската држава, сега државните архивски материјали се отстранети од природната средина и се преселени во простории на новиот Археолошки музеј покрај Вардар, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.  Дополнително, сега објектот на Архивот се прилагодува за нова намена –  Јавно обвинителство -Одделение за организиран криминал.

Историчарите реагираа и потенцираа дека не треба да се откинат архивските материјали од јадрото, од првична причина што се работи за наменска градба со посебно изолирани депоа со целосна инсталација за одржување на влажноста на документите.

Оттука, Тодоровска побара стопирање на сите работи во старата зграда. Смета дека се уништува национална историја и ја повика министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска да поднесе кривична пријава против „изумителите и сторителите на овој уништувачки акт“. Исто така, Тодоровска пред неколку месеци испрати отворено писмо до Јавниот обвинител Марко Зврлевски и побара од него да реагира за заштита на повисоки и државни интереси.

Поврзани новости