Стојанче Ангелов се повлекува од лидерското место во Достоинство, поради ангажман во МВР

by Fokus

Поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов нема да води политичка кариера додека е вработен во Министерството за внатрешни работи и затоа ќе се повлече од лидерската позиција на партијата Достоинство со која на последните избори беше дел од коалицијата ВМРО за Македонија, истакна во интервју за 24Вести.

На претстојните локални избори Достоинство ќе настапи како дел од коалицијата предводена од СДСМ, партијата ќе ја претставуваат потпретседателот Благоја Марковски и генералниот секретар Драган Василевски, а досегашниот партиски лидер  останува обичен член на партијата и вработен во МВР.

Ангелов вечерва на Фејсбук објави дека главна причина поради која Достоинство влегува во оваа коалиција е убедувањето засновано врз досегашните потези и ветувања на премиерот, министрите за внатрешни работи и за одбрана, како и на други претставници на Владата и раководството на СДСМ, дека ќе излезат во пресрет на повеќето барања на Достоинство поврзани со правата на македонските бранители од 2001 година, но и со правата на сите други припадници на македонската армија и полиција.

„Втората причина поради која влегуваме во коалицијата предводена од СДСМ е нашата перцепција дека оваа Влада на задоволнително ниво ќе се бори против криминалот и масовната корупција во нашето општество.

Третата причина е можноста што ни е оставена и понатаму да излегуваме со наши ставови кои за одредени прашања ќе се разликуваат или дури ќе бидат спротивни на актуелните ставови на Владата на РМ, како што е, на пример, делот од т.н. законот за јазиците бидејки Достоинство е категорично против двојазични полициски униформи“, напиша Ангелов на Фејсбук.

Тој образложи дека се повлекува од позицијата претседател на Достоинство ппоради неговото враќање во МВР.

Поврзани новости