Во сторија на „Си-Ен-Ен“, градоначалникот Чадиев ги поддржа креаторите на лажни вести од Велес

by fokus

„Заспаниот град крај река во Македонија е дом на десетици веб-страници кои објавуваат лажни вести направени за да го привлечат вниманието на Американците. Секој клик додава пари на нивните банкарски сметки“, пишува реномираниот Си-Ен-Ен за велешаните кои објавувајќи лажни вести за претседателската кампања во САД во корист на Доналд Трамп направија богатство.

-Не ми е гајле што се лажни затоа што луѓето ги читаат. На 22 години заработував повеќе пари отколку што некој во Македонија може да заработи за целиот живот. Мојата главна цел е да подготвам страница каква што имав претходно, за следните претседателски избори во САД во 2020 година, вели сопственик на една таква страница за Си-Ен-Ен.

Тој тврди дека заработувал 2.500 долари на ден од реклами на неговата веб-страница, додека просечната плата во Македонија е 426 долари.

„Си-Ен-Ен“ пишува дека за разлика од претходната, новата македонска влада е многу критична на новата индустрија што се развива во Велес.

-Ние ќе преземеме иницијатива за глобално координиран напор за справување со лажни вести и, исто така, го охрабруваме нашето граѓанско општество да помогне во спречувањето на овој феномен преку создавање алатки за откривање лажни вести – изјавил портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

За разлика од Владата, градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев ги поддржува овие млади и вели дека во политиката нема морал.

-Ако зборуваме реално, секој град сака популарност. Најважно е дека ниеден закон не е прекршен. Во политиката нема морал, нема неморал. Во политиката сè е дозволено, изјавил Чадиев за „Си-Ен-Ен“.

 

 

Поврзани новости