Пишува
Стојан АНДОВ
Пред седумдесет години, на почетокот на 1943 година, на Источниот фронт капитулира Шестата Хитлерова армија, а на Африканскиот фронт Хитлеровиот генерал Ромел беше поразен и во неред се повлекуваше. Летото во 1943 година се одигра, стратешки, можеби најважната, Битката кај Курск. Операцијата „Цитадела“ беше оневозможена, а таа беше последен офанзивен обид на Хитлеровите сили на Источниот фронт.
Разбивањето на Хитлеровите војски кај Курск беше увод на офанзивата на Црвената армија за протерување на непријателските војски од територијата на СССР. Речиси во исто време со битката кај Курск се случи истоварувањето на војските на западните сојузници во Италија.
БРИТАНЦИТЕ КЛУЧЕН ФАКТОР НА БАЛКАНОТ
Кога се изготвувале првите планови на западните сојузници за истоварувањето на нивните сили во Италија, анализирана е и состојбата на Балканскиот Полуостров. За западните планери тогаш било многу важно да се спречи испраќањето на непријателски војски од Балканот во Италија, со што би се попречило напредувањето на сојузниците и значајно би се зголемил бројот на нивните жртви. Проценувано е дека Италија ќе капитулира и дека италијанските воени сили на Балканот ќе престанат да бидат воен фактор.
Но, за сојузниците било важно во чии раце ќе падне оружјето на италијанските војски на Балканот. Секако им било многу важно до тоа оружје да дојдат оние движења на отпорот на Балканот, кои без двоумење ќе го употребат во своите акции против силите на Хитлер. Во тој контекст станала многу важна состојбата во Југославија.
Дотогаш од Југославија доаѓале информации до меѓународната јавност дека против Германците се бори само четничкото движење на генерал Дража Михајловиќ, кој некаде во тој период станал и министер на војната во југословенската емигрантска влада.
Но, кога почнале да бидат важни непосредните воени интереси, државното раководство на Велика Британија сѐ повеќе обрнувало внимание на известувањата од своите мисии при штабот на Дража Михајловиќ, во кои се говорело дека четничкото движење не се бори против главниот непријател – германските војски, туку се бори против Титовите партизани.
И од дешифрираните германски информации, Британците дознале дека само Титовите партизани се бореле против Германците, и дека во тоа биле попречувани дури и од четниците. Кога воените дејствија требаше да се пренесат во Италија, британското раководство за првпат испрати мисија при врховната команда на партизаните на чело со полковник Бил Дикин. Информациите од оваа мисија покажале дека против Германците навистина се бореле само партизаните и дека четниците се бореле само против партизаните.
Врз основа на такви информации, британското раководство решило прво да ја намали помошта што дотогаш му ја давало на четничкото движење, а потоа и да ги повлече своите мисии од штабот на генерал Дража Михајловиќ. А истовремено нагло ја зголемило помошта на партизаните, а потоа испратило висока политичка личност, бригадирот Фицрој Маклејн во штабот на Тито.
Наскоро Британците се увериле дека вистинските патриоти и антифашисти во Југославија се Титовите партизани. Во извештаите на британските мисии се укажувало дека во Титовата војска доаѓале сѐ повеќе офицери од бившата југословенска војска, кои некако се притаиле за време на окупацијата и се сокриле или, пак, му пристапиле на четничкото движење на Дража Михајловиќ, кое потоа го напуштиле.
Во периодот пред Британците да можат да се одлучат кое движење во Југославија да го помогнат и да го поддржат, во Британија имало интересни размислувања за состојбата во Југославија.
АСНОМ ЈА ЛЕГИТИМИРА МАКЕДОНИЈА
Некои експерти укажувале дека силите на партизаните претежно биле концентрирани во Босна и Херцеговина и во Хрватска, а силите на четниците во Србија и во Црна Гора. Знаејќи за судирите меѓу партизаните и четниците им се родила идејата, за да се избегне жестока граѓанска војна, сојузниците уште во војната Југославија да ја поделат на две Југославии: една што ќе ги вклучува Хрватска и Босна и Херцеговина, разбирливо и Словенија, во која Британците исклучиво би го помагале движењето на Титовите партизани, а во втората Југославија, помошта би била упатувана на силите на Дража Михајловиќ.
Тие идеи допреле и до Винстон Черчил, а биле разгледувани и во југословенската емигрантска влада. Во сите тие разгледувања и размислувања, Македонија била вклучена како составен дел на Србија. За среќа, во Британија победила спротивната линија. Големиот познавач на балканските, а особено на југословенските прилики, високиот британски дипломат Сатон – Вотсон изработил елаборат со кој докажал дека за населението во Југославија и за сојузничкиот воен напор е најдобро да не се дели Југославија на два дела.
На исто стојалиште бил и Ентони Идн, министер за надворешни работи на Британија. Черчил се приклучил на таа концепција. Исто така, треба да се каже дека југословенската емигрантска влада за цело време на своето постоење стои на стојалиштето дека Југославија е земја на три народи Срби, Хрвати и Словенци.
Дека постојат и Македонци во таа влада, никој никогаш не споменал. Тоа е став и на кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ. Со британското напуштање на Дража Михајловиќ и целата поддршка на Тито, а заедно и како последица на капитулацијата на Италија, нагло се зголемува бројната состојба на партизаните. Некои британски извори зборуваат за партизанска војска од 250.000 борци. Во тоа време нагло расте и се развива партизанското движење во Македонија, како составен дел на Титовата партизанска војска.
Кога Британците испратија воена мисија и при Главниот штаб на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија, тие де факто ги прифатија одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, и одлуките на Првото заседание на АСНОМ за федеративно уредување на Југославија по војната и за Македонија како рамноправна федерална единица во неа. Сѐ до дефинитивната победа над фашизмот, Британците, Американците, Русите, а и Германците, за единствена вооружена сила во Југославија, која се бори против фашизмот, ги признаваа само Титовите партизани.
НА ЧЕРЧИЛ НЕ МУ ПРЕЧЕШЕ КОМУНИСТОТ ТИТО
Тоа е вистината за југословенскиот и за македонскиот антифашизам. Што повеќе се ближеше крајот на војната, сѐ поважно беше да се одбранат резултатите од Антифашистичката војна на југословенските народи, вклучувајќи го и македонскиот. Британците високо го ценеа воениот придонес на Титовата војска во сојузничката победа над Хитлерова Германија. Затоа, објективно расудувајќи, ги прифатија двете клучни Титови барања: Југославија да ја укине монархијата и да стане република и земјата да биде федеративно уредена, врз основа на рамноправност на народите што живеат во неа.
Британците многу помогнаа да се остварат овие Титови цели. Тие добро знаеја дека на Југославија ѝ се закануваше многу жестока и крвава граѓанска војна доколку останеше монархија на Караѓорѓевиќи, со унитарно уредување и со националистичка српска супремација.
Во таков случај најмногу ќе настрадаа муслиманите во Босна, Албанците на Косово и во Македонија и сите Македонци кои не би прифатиле да бидат Срби.
За да се спречи таков развој на настаните, Британците изнудија соборување на емигрантската влада на Божидар Пуриќ. Со тоа беше исфрлен и Дража Михајловиќ од местото министер на војната и врховен командант на „југословенската војска во татковината“.
Черчил лично има огромен придонес во средувањето на политичките прилики во Југославија, во последната година од војната и во целата 1945 година. Черчил добро знаел, и тоа не еднаш го истакнувал, дека Тито бил комунист и дека имал големо искуство во Коминтерната, но на сите им велел дека сето тоа нема значење, со оглед на неговото антифашистичко определување и неговиот огромен придонес во борбата против фашизмот.
БРИТАНИЈА БЕШЕ ПРОТИВ МАКЕДОНСКИ СОЛУН
Кај сите народи што ја сочинуваа Југославија, основна, единствена и моќна сила беше партизанското движење на Тито, прво како мали групи, па одреди, па бригади и дивизии, сѐ до корпуси и армии кои херојски и пожртвувано се бореа, заедно со сојузниците до уништување на фашизмот. Припадниците и приврзаниците на политичките партии што не му пристапија на Титовото партизанско движење, всушност не учествуваа во антифашистичката борба, а некои од нив ја попречуваа. Во Македонија, и покрај некои обиди, Четничкото движење на Дража Михајловиќ не фати корен. Победата ја извојуваа македонските партизани и на кого било од нив тоа признание не може да му биде засенето затоа што бил комунист.
Во Македонија, граѓанските политичари и припадниците на разните организации на ВМРО, за време на војната се повлекоа во длабока политичка пасивност. Тие кои политички беа активни, а не му пристапија на партизанското движење, прифаќаа градоначалнички или други високи функции во тогашната окупаторска администрација, а некои, пак, дури и се обидуваа да формираат контрачети за борба против македонските партизани.
Нашите „антикомунисти“ треба добро да знаат дека не е можно да ги претставуваат како борци за Македонија тие што не му припаѓале на антифашистичкиот фронт. Антифашизмот е основа на која е создадена македонската држава, а тој и денес е главна легитимација на Македонија во светот.
Исто така, треба да се истакне дека силната поддршка што му ја даде Велика Британија на Тито и на Југославија имаше свои граници. Тоa не беше внатрешното уредување на Југославија – ни Черчил немаше забелешка на тоа. Но, Британија остро се спротивставуваше на сите идеи за менување на границите на Југославија и за проширување на нејзината територија. Во неколку наврати, Британија манифестираше подготвеност на таквите обиди од југословенска страна да одговори со вооружена сила.
Тоа беше случајот кога југословенските војски под британска принуда во мај 1945 година се повлекоа од Трст, а ист беше британскиот став и кога дел од македонската војска заговараше освојување на Солун!