Нина Маџиров за починатиот татко: Од болката се изроди ,,Стакло’’

by Fokus
Нина, ќерка на легендарниот музичар Зоран Маџиров, познат како човекот со шишињата, снима филм посветен на татко и, кој почина во мај годинава, откако пред тоа помина околу седум месеци во кома, по тешката сообраќајна несреќа.
 
Краткометражниот филм ,,Стакло’’ се снима во Лос Анџелес, а Нина е сценарист и актерка во истиот.
 
Растргната од болка и беспомошност, уште додека татко и бил во кома, таа започнала да го пишува сценариото. Далеку од семејството во тешките моменти, бидејќи веќе три години живее во САД, каде студира глума на Њуројшката филмска академија, таа нашла утеха во пишувањето. Вели дека постојано се надевала како нештата ќе си дојдат на свое место, и на крај целото семејство заедно ќе го гледа нејзниот филм, но животот имал друг план.
 
Веста за смртта на татко и ја дочекала сама во Америка, а ден потоа собрала сила и застанала на сцената, каде имала премиера на претставата ,,Галебот’’ од Чехов со класата на Факултетот.
 
,,Кога ја дознав лошата вест, бев спремна да оставам се зад себе и да се вратам назад во Македонија. Сакав да ги напуштам колегите, претставата, и да стигнам на последното испраќање на татко ми. Но во тие тешки моменти, бев свесна дека тој не би го сакал тоа. Дури и би ми бил лут, доколку оставев се зад себе. Затоа, во негова чест, изиграв три дена’’ – вели Нина.
 
Додава дека темата на филмот е периодот после неговата смрт, пред погребот. Опфатено е исполнувањето на последно ветување помеѓу нив двајцата, додека таа ја свири на шишиња ,,Месечевата соната’’ од Бетовен.
 
,,Татко ми беше мојот идол, учител… Ова е првиот филм за него, но ќе се направат уште многу. Имаше краток, но исполнет живот, музика, уметност, патувања, смеа, сето тоа е дел од спомените што ни ги остави. Со брат ми Љубен гордо ја преземаме неговата должност, да донесеме што е можно повеќе музика и уметност во овој свет’’ – раскажува Нина, додавајќи дека филмот е нејзина дипломска задача, а дипломирањето ќе се случело во септември.
Премиерата на ,,Стакло’’ ќе се одржела во Warner Brothers Theatre.
 
Зоран Маџиров ја изгуби битката за живот на 49 годишна возраст. Го освои светот со својата умешност да свири на шишиња, чаши и други стаклени предмети. Негов брат беше актерот Игор Маџиров, кој трагично го изгуби животот пред околу 17 години. И татко му Љубен, познат спортски новинар и  музичар од Струмица, почина четири месеци по сообраќајката на Зоран, додека тој сеуште беше во кома. Сите се погребани на градските гробишта во Струмица.

Вики Клинчарова
 

Поврзани новости