Могерини: По длабока криза гледаме нов почеток, силна посветеност и оптимизам во Македонија

by fokus

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација го образложија владиниот план „3-6-9“.

На состанокот присуствуваа и еврокомесарката и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан.

Могерини на заедничката конференција со Хан, Димитров и со Османи истакна дека земјата се соочила со длабока криза, но дека ЕУ постајано помагала во нејзинот решавање.

„Драго ни е што денеска гледаме нов почеток, оптимизам и силна посветеност, која ни овозможува да ја насочиме сета наша енергија кон реформите што се неопходни за граѓаните, но се потребни и за евроатлантските интеграции на земјата, но и на регионот“, рече Могерини.

Еврокомесарот Хан истакна дека на средбата се разговарало за приоритетите во спроведувањето на реформите, но и за тоа дека опозицијата мора да биде конструктивна.

„Владата има големи задачи пред себе и разговаравме како да ги поставиме приоритетите и да обезбедиме одржливи реформи. Ги поздравуваме и ги почитуваме сите напори да се работи со сите засегнати страни, вклучувајќи ја и опозицијата, но за тоа е потребна конструктивна опозиција. Важно е на сите да им се пристапи на инклузивен и конструктивен начин за да напредува ЕУ-агендата“, рече Хан.

Вицепремиерот Османи испрати јасна порака дека планот „3-6-9“ ќе биде спроведен и дека постои внатрешен општествен консензус за планот и дека владата се обрзува да го спроведе.

Поврзани новости