Манојловски: Немаме никакво право да одиме против хомосексуалците

by fokus

Пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски денеска во Собранието излезе на прес конференција на која ги појасни уште еднаш своите ставови откако вчера повика на тоа да се легализираат геј браковите во Македонија.

Манојловски рече дека хомосексуалците во земјава мора да ги уживаат истите права и обврски што ги имаат другите луѓе со поинакви сексуална ориентација.

„Ова е мој личен став, зад ова мислење не стојат ниту ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ или друга политичка партија и им се извинувам на сите кои се чусвтгвуваат повредени од мојата изјава. Иако е рано во Македонија да се зборува за ова прашање, тој процес доаѓа. Кога-тогаш, дали по една или две генерации, овој процес ќе дојде и во Македонија и ние не можеме да го сопреме“, изјави Манојловски.

Тој истакна дека е свесен дека на балканот традицијата вели дека не треба да се случуваат такви работи но реалноста вели поинаку.

„Овие луѓе исто како и сите други имаат мајки, татковци, фамилии, живеат и работат заедно и зошто не би ги имале истите права само затоа што немаат брак? Ако имаат кола или стан, хетеросексуалците може да ги делат, да ги остават како имот додека овие не можат, ова е практичен и економски проблем. Немаме никакво право да одиме против хомосексуалците“, истакна Манојловски.

Според него во земјава има две црни флеки за кои луѓето не се подготвени да разговараат и тие го задржуваат целото општество назад а тоа се – националното прашање и сексуалното прашање.

„Националното прашање е на пример кога реков јас дека имам албанско потекло, тоа беше баук. Јас сум роден во Горна Река во албански крај каде се збори албански јазик илјада години, тоа е мојот мајчин јазик и сега сите беа шокирани зошто така се декларирам. Полека малку, смирете живци. Тоа е историско прашање, истото е и со сексуалноста. Тој процес се движи и ние не може да го спречиме. На Коперник му судеја во судот затоа што говореше дека Земјата се врти и го осудија на смрт. Потоа некој му рече нема да те осудиме на смрт ама престани да зборуваш. Јас можам да престанам да зборувам ама Земјата нема да можам да ја престанам за да не се врти. Исто е и со хомосексуалноста. Јас ќе замолчам, но ќе поминат генерации и тоа секако ќе стане нормално. Зошто да ги спречуваме луѓето, зошто да немаат и свои хомосексуални клубови на кого му смета тоа“, рече Манојловски во Собранието.

Тој додаде дека е хетеросексуалец, има жена, два сина, ќерки и седум внучиња, како и многу пријателки.

„Со други зборови сум бил поблизок кон женскиот свет отколку кон машкиот свет. Но сум работел често со хомосексуалци и нема никаква разлика, тие се прекрасни луѓе. Тие секогаш биле најдобри работници, чисти, паметни, интелигентни, насмеани услужни. Ние ако бараме квалитет, јас не би ве прашал што сте по религија, националност, сексуална ориентација“, рече пратеникот на ДУИ.

За разлика од неговите прогресивни ставови, на темата се огласија и потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Африм Гаши од БЕСА кои сметаат дека бракот мора да остане помеѓу еден маж и една жена, додека хомосексуалноста е девијантна појава.

Поврзани новости