Луѓето со ѕвоно на глава

by fokus

Македонија вклучена во НАТО и ЕУ подразбира Македонија со решени внатрешни и надворешни прашања, општество во кое што еднаквоста,меѓусебното разбирање , меѓуверската и меѓунационалната толеранцијата би се сметале за егзистенцијални а не институционално наметнати правила на однесување.

Пишува: х. Сулејман еф. Реџепи

Прочитав пред некој ден еден многу интересен куриозитет. Имено, во Средниот век, во Шкотска и Англија се сметало за злостор да зборуваш лошо за некого, да измислуваш или да шириш невистини. Како казна, на “тирековмиречеџиите“ за сторените гревови им ствале на лицето некоја железна справа што им ја стегала главата и им го притискал јазикот со некој мал бодеж. Така, јадните рекла казала мераклии не можеле ниту да писнат од заклучениот механизам, а над главата пак им било поставено некое звоно што звонело секогаш кога осудениот ќе мрднел. Луѓето излегувале на улица за да видат кој тоа повторно ги вознемирувал со ширење гласини…

Додека го пишувам овој текст во ептен доцни часови,се смејам замислувајќи ги денешниве пуштачи на патки додека ,со звона на главите, се шетаат низ град. Животот во нашите, ионака бучни градови, ќе станеше невозможен, жив човек не ќе можеше да заспие. И, кога би се применувала денес оваа чудна казна со која некогаш се казнувале воглавно жени,не знам зошто сум убеден дека со звона на главите ќе шетаа мажи. Но, фала му на Бога за модерниве оговарачи, нивната дејност денес не се санкционира, дури се случува често да се третираат како некоја заштитена врста завиткана со целофанот на слободниот израз и мислење. Еј времиња, времиња!
Но, да се занимаваш со исправање на криви Дрини е Сизифова работа.Пред се затоа што последниве години на нашето живеење, на ментален план ги вратија наназад стрелките на часовникот, уништувајќи го при тоа сосема системот на вредности со наметнување на лажни и погрешни модели и идоли. Потрагата по среќа и по смисолот на животот почна да наликува на тикет за лотарија и кладилница. За жал, во таков амбиент, наследен од една самоуништувачка политика , Македонија ги прави првите чекори за преориентирање на смерниците на својот развој и прогрес и ги оживува надежите на луѓето што живеат тука а соништата им се врзани за некои други земји.
За среќа, денес, за разлика од вчера, се чини дека е при крај бизарната приказна за Македоноидите како зачетници на белата раса, се распаѓа по сите шавови глупавата заложба Македонија да се доживува како лулка на античката цивилизација а Македонците ексклузивни наследници на Александар и на неговата империја. Бронзените коњи и лавови, мечовите и копјата, спомениците на секакви сојсузи и башибозуци ,стиропорните зданија што прокиснуваат од секоја капка дожд, се по често се концептираат како Дизниленд во хорор варијанта и производ на атрофирани умови.

Ете затоа и за многу други причини, хистеризирањето на јавноста од страна на одредени експоненти на минатиот режим преку ширење на страв од Законот за јазиците, од албанскиот јазик и неговата по широка употреба, представува само канализација низ која истекуваат нечистотиите на некои фигури стуткани под чадорот на македонскиот културен шовинизам.Македонската “супериорност“ над останатите(во овој случај над албанците) е само ветер и магла, како што беше ветер и магла и антиквизацијата.

Сето кажано е всушност дел од “политичките“ бош муабети преку кои се цели вжештувањето на атмосферата пред почетокот на завршната фаза за решавање на името .Во средновековна Шкотска и Англија, на гласноговорниците на таквите “тези“,убеден сум,ќе им поставеа катанци на устите и звона на главите.
Во секој случај, по турбулентните години што ги мина Македонија и кои беа ињектирани со високи дози на празен и лажен патриотизам во кој што неранимајковците си наоѓаа прибежиште, една друга епоха и една друга надеж е на повидок. Ако до вчера евроатлантските интеграции служеа само за добивање поени на предизборни митинзи и како монети за подкусурување на средбите со странците, денес тие ориентации се топ приоритет и се доживуваат како кулминација на патриотизмот. Тоа, дефинитивно, им станува јасно и на Албанците и на Македонците.Се разбира, и на сите други.

Македонија вклучена во НАТО и ЕУ подразбира Македонија со решени внатрешни и надворешни прашања, општество во кое што еднаквоста,меѓусебното разбирање , меѓуверската и меѓунационалната толеранцијата би се сметале за егзистенцијални а не институционално наметнати правила на однесување. Таквата Македонија би имала отворени граници кон Приштина и Атина, Тирана и Софија, Белград и Загреб, би била земја што нема да ја жртвува иднината на младите поколениа поради една додавка која што, сериозно гледано, во никој случај не го загрозува ниту идентитетот, ниту дигнитетот на било кого. Впрочем, каков е тој идентитет и каков е тој дигнитет што може да биде загрозен од една придавка? Последново прашање е упатено до плашливците, не до храбрите.

Едно е сепак сигурно во сета оваа турлитава. Македонија, која што актуелно се наоѓа на крстопат, ќе го погоди патот низ кој ќе продолжи да чекори. Тезите дека “државата ќе ни се распадне ако го смениме името и ќе биде грабната од соседите“, дека “ менувањето на името е конспиративен акт спонзориран од муслиманите за да им се овозможи по лесен продор кон Балканот и Европа“, дека “ војната до истребување е неизбежна“, се чиста глупост и будалаштина. Тоа се “тези“ на луѓето со звоно на главата.

Поврзани новости