Сугарески: Може да останеме без автопат ако не потпишеме анекс со „Синохидро“

by fokus

Во крајна фаза се преговорите за потпишување анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Анексот треба да овозможи доизградба на автопатот, кој со основниот договор требаше да биде завршен до 31 јануари. Ако не се потпише анексот, во случај на спор, Македонија може да остане и без автопат и без големи финансиски средства.

Ова го изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вечерва во гостување на ТВ 24.

Тој очекува дека преговорите ќе завршат успешно и оти по изготвувањето на анексот на договорот, тој ќе треба да биде одобрен од македонското Собрание. Дури потоа, рече Сугарески, Владата и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов ќе го потпишат со цел да продолжи изградбата на автопатот.

– Ние со потпишувањето на овој анекс договор сакаме да продолжи изградба на автопат за којшто граѓаните на РМ поделиле сума, огромна сума на пари и таму сметаме дека треба да има автопат. Другата страна носи прекинување на договорот, немање автопат и комплетно овие спорови да одат на арбитража каде што РМ ќе биде една од учесниците. Во ситуација да се изгуби една таква арбитража ние како држава ќе останеме и без автопат и без големи финансиски средства – рече Сугарески.

Поврзани новости