КОЛУМНА Анте Попоски: Знаењето е сила, дипломата е моќ

Би било фер да спомнеме дека минативе години живуркајќи на маргините на европските образовни трендови, во едукацискиот маратон успеавме главно да ја разгориме желбата за титули. Трката по дипломи продолжи, но многу често натпреварувачите ги држеше здивот до првата копирница на ќошот или „поитрите“ до кафето испиено со брокерот за дипломи од студените деканатски ходници.

Пишува: Д-р Анте Попоски

Знаењето е сила, знаењето е моќ. Познатата мантра од златниот период на груевизмот се појави како пеколен инструмент во рацете на управителот некаде во средината на неговото владеење и ретко добро послужи да се премости јазот меѓу желбите и реалитетот на намерата. Кампањата која ја разбуричка уходаната просветна монотонија прозвучи во духот на советска образовна петолетка, застрашувачка во својата лабава задолжителност и раскошна во својата дарежливост. Незаслужени стипендии, срушени критериуми, спонзорирани професури, академски туризам, сите на куп виспрено кокетираа со младиот македонски хомо сапиенс. А тој, замаен од леснотијата на освојувањето на кариерната угорница со салвети од малку подобар квалитет здушно го прифати заветот на партиска сервилност и задолженост кон врховниците. Ова орудие на популизмот го означи почетокот на колективниот и индивидуален македонскиот поход кон неосвоените едукациски еверести. Походот заврши неочекувано рано во првиот амбис на себедоволноста, непризнаеноста и субстандардот.

Би било фер да спомнеме дека минативе години живуркајќи на маргините на европските образовни трендови, во едукацискиот маратон успеавме главно да ја разгориме желбата за титули. Трката по дипломи продолжи, но многу често натпреварувачите ги држеше здивот до првата копирница на ќошот или „поитрите“ до кафето испиено со брокерот за дипломи од студените деканатски ходници. Дојде времето кога не ретко мастилото уште се разлеваше на фалсикуваната тутурутка, додека таа пак веќе среќно се смееше од купчето на успешно селектирани вработени или вршители на функции.

Овие приказни не се реткост на овие простори. Балканот вриел и врие од фалсификати од кои голем број низ секојдневната пракса се откриваат. Македонија во апсолутни бројки заостанува зад околните земји, но тоа ни од далеку не треба да нѐ охрабрува. Ова само значи дека надлежните се залулани во летаргија, а инспекциите се своевиден учесник во овој сѐ повеќе секојдневен криминал.

Нормално нашата образовна власт несебично ги споделува овие „оптимистички показатели“ со јавноста. Во 2013 година, тогашниот министер за образование Спиро Ристовски нѐ израдува со историски незапамтеното ниско ниво на фалисфикаторство во образовната сфера. „Во последниве пет години имаме откриено само три случаи на фалсификувани дипломи од Македонски институции“. Аферим Спиро, ќе нѐ биде! Во реалноста сепак се нижеа случаите и институциите: 8 во 2008 година, 9 во 2009 година, 2 во 2010, 3 во 2011, Педагошка академија, Тетовски универзитет, Средно државно музичко училиште, припадници на полицијата, наставници, доктори, адиминистративци и така редум. Во 2015 година стигнавме до бројка од вкупно 92 поднесока за фалсификувани исправи за кои нема податок колку се однесуваат на дипломи. Да не остане настрана од приказната Хорхе – очувот на нацијата ги замеша прстите и во овој омлет, зачинувајќи го со аболиција на фалсификат докторка, титула стекната со фалсификување на диплома од Медицинскиот факултет. Сигурно неговото богато професорско искуство му помогна да ја вештачи дипломата и согласно наодот да додели мандат за враќање во ординација на умната Кавадарчанка спасувајќи ја од единаесет месеци престој во женското оделение. Последен во низата беше случајот на директор кој без признаена диплома директорувал со јавното претпријатие „Водовод“.

Можноста на нашиот систем да ги апсорбира последиците ни од далеку не се големи како на пример Грција која има огромна администрација далеку поголема од нашата или Хрватска која како членка на ЕУ ефективно и во реалност работи на сузбивање на оваа девијантност. Последиците кај нас се далекусежни и тектонски. Одат до екстремност што токму оние кои треба да ги гонат законските престапи ладнокрвно ги чинат правејќи фалсификат на својата наобразба. Овие денови нестрпливо го очекуваме исходот на истрагата за фасификување јазични дипломи на конкурсот на Академијата за јавни обвинители, кој во голема мера беше и мотив за настанувањето на овој напис.

После овие искуства се наметнува прашањето – Зошто изминативе десет години се стимулираше прикрпено образование, и како преку ноќ изникнаа алтернативни работилници за дипломи уредно пријавени во МОН под формата приватни универзитети? Чест на исклучоците, но овие образовни дијаманти (сликовито и мелодично опишани во рекламите) немаат ниту основни акредитации, освен ако не доаѓаат од самото министерство или некоја тазе формирана агенциичка чиј раководител излегол токму од споменатите клупи.

Како одговор на ребусот на располагање ни останува УКИМ со неговите Шангајски листи, постојани реформи, сенатски гласања, студентски парламенти и други перипетии, кој наместо ѕвезда водилка и репер сѐ повеќе станува генератор на конфузија за правецот во кој се движи нашиот образовен Франкенштајн. Затоа, можеби не ќе беше лошо во изминативе изгубени години да се отвореше простор за филијала на некој познат интернационален универзитет. Тука не мислам на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе туку на некој рамен на Лондонските школи, Сорбона, МИТ и сл. Парите кои ќе ги потрошевме досега се многупати потрошени на разни полупроекти, а патем нешто и ќе научевме. Сепак нема поздрава работа од конкуренцијата и слободниот пазар.

Авторот имаше можност формалното образование да го изведува на две школи лоцирани во земји на ЕУ кои во најголем дел користеа професорски кадар кој доаѓаше надвор од границите на земјата во кои се наоѓаат школите. Во овие системи одамна се експлоатира начинот на „рентање“ врвен професорски кадар како надополнување на оној со кој се располага. Дополнително овие институции без исклучок го користат системот Turnitin или нему слични и кои во превод би значеле вашиот партнер во едукација со интегритет. Со овие софтверски системи се проверува практично секој оценуван пишан збор во однос на плагијаторство или фалсификат. Во таква комбинација просто е невозможно да ви се измолкне случајниот студент намерник или стипендист на партискиот штаб низ чија глава се мотаат разни престапнички мисли. На крај се акредитациите, но оние вистинските меѓународни, независни и кои не се на продажба, се печатот кои ќе ја заверат веродостојноста на пакетот и оригиналноста на знаењето кое го носите со вас. Пишувајќи ми паѓа напамет една луцидна идеја за Turn-it-in софтвер кој би ја проверувал и споредувал вистинитоста и оригиналноста на секој исказ, на сите нас во секоја точка и секој момент од нашето постоење, од студентските клупи до говорницата во парламентот, од новинарската колумна до обвинителниот акт. Исходот сигурно би бил за рубриките Верувале или не.

Додека тоа не се случи нам ни останува да бираме дали навистина знаењето или пак дипломата е моќ? Новите генерации студенти и сите ние ќе имаме доволне време да размислиме и да сфатиме дека нема ништо посуштинско и потрајно од инвестицијата во себе и сопственото знаење и идејата како да се искористи за заедничкото подобро утре. Наместо заклучок ви ги предлагам зборовите на William Deresiewicz кои гласат „Our universities have forgotten that the reason they exist is to make minds, not careers“ – „Нашите универзитети заборавија дека причината за која постојат е да создадат мозоци, не кариери“.

(Авторот е доктор на медицина и магистер по бизнис администрација)