Која е актуелната судијка на Уставниот суд Вангелина Маркудова?

by Фокус

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во „Фокус“ бр. 619 од 11 мај 2007 година

Методија Ковачевски:

СЛУЧАЈОТ ‘СЛАВИЈА’ ГО КОНСТРУИРАА ЗАТОА ШТО БРАТ МИ ОДБИ ДА И ПРОДАДЕ ЗЕМЈА НА СРПСКА ‘ДЕЛТА’

Зошто судијата Вангелина Маркудова го премолчала податокот дека нејзиниот вонбрачен партнер има должнички релации со Славија за чија незаконска приватизација таа треба да пресуди? Или, за ваквите детали ја информирала претседателката Добрила Кацарска, но тоа не било третирано како некаква законска и етичка пречка токму таа да ја дели правдата за ‘Славија’? Да биде иронијата поголема, минатата година за случајот ‘Славија’ бил изземен цел еден суд- скопска двојка. И, еве, на крајот предметот завршил токму во рацете на Маркудова. Има ли тука некакво сценарио или станува збор за обична случајност?! Според братот на првообвинетиот Кирил Ковачевски, Методија случајот е конструиран откако брат му ја одбил претходната Влада на Бучковски дел од имотот на ‘Славија’ да го продаде на српска компанија ‘Делта’.

Пишувала Јадранка КОСТОВА

Минатата недела Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 одреди вкупно 18 години затвор на 5 лица обвинети за злоупотреба на приватизацијата на ‘Славија’. Највисоката од 6 години затвор и конфискација на имот, е досудена за доминантниот сопственик, Кирил Ковачевски, а 5 години и’ се одредени на управителката Жаклина Павловска. Стечај-ниот управител, пак, Мирко Петрески доби 3 години, а Гордана Ѓорѓиевска и Новица Стевановиќ заработија по 2 години затвор. Вака поделената правда била дочекана со воодушевување од 50-сетина вработени од ‘Славија’ кои протестираа пред судската палата. Како што јавија некои медиуми, откако ги чуле затворските казни тие скандирале: ‘Да е жива и здрава судијката’. А судијката во овој предмет е Вангелина Маркудова. Сепак, од ваквата еуфорија до блиските на осудените стигнала и информацијата дека г-ѓата Маркудова имала сериозни причини да биде пристрасна во овој случај. И така, сосема случајно, клопчето почнало да се одмотува. За неколку дена тие дошле до податокот дека судијката со години живее во заедница со Данило Томашевски, кој има двојни реалции токму со ‘Славија’. Имено, Томашевски бил бивш вработен во Славија, па по тој основ требало да му се исплатат заостанати плати. Но од друга страна, и многу повеќе, самиот должи на Славија околу 1,7 милиони денари за закупнина. Овие информации, пак, се повеќе од потребното, за судијката да побара свое изземање во овој судски процес.

ПРИКРИВАЊЕ НА ПОДАТОЦИ?

Според Законот за кривична постапка, судијата е должен да побара свое изземање доколку обвинетиот, неговиот бранител, тужителот, оштетениот, нивниот законски застапник или полномошник му е брачен односно вонбрачен другар или роднина итн. Законот оди дури до ‘сватовство во втор степен’, но како причина за изземање ги наведува и доказите кои предизвикуваат сомневање во неговата пристрасност.

Зошто Маркудова го премолчала податокот дека нејзиниот вонбрачен партнер има должнички релации со фирмата за која таа треба да пресуди? Или, за ваквите детали ја информирала претседателката Добрила Кацарска, но тоа не било третирано како некаква законска и етичка пречка токму таа да ја дели правдата во случајот ‘Славија’? За жал, не успеавме да добиеме одговор на нашите дилеми. Од кабинетот на Кацарска не префрлија кај портпаролот, истражниот судија Сеад Реџепагиќ, а тој, пак, не успеавме да го пронајдеме.

Да биде иронијата поголема, минатата година за случајот ‘Славија’ беше изземен цел еден суд- скопска двојка. И откако е префрлен во Основниот суд Скопје 1, еве, на крајот предметот завршил токму во рацете на судијка која преку својот вонбрачен партнер има допирни точки со штетата на скопска ‘Славија’. Има ли тука некакво сценарио или станува збор за обична случајност?! Според некои елементи постојат сомневања дека целата операција за злоупотреба на службената должност на петтмината обвинети за приватизацијата на ‘Славија’ е покрената затоа што првообвинетиот Ковачевски одбил да излезе во пресрет на претходната власт дел од имотот на ‘Славија’ да биде продаден на српска компанија Делта.

Metodija Kovacevski

Методија Ковачевски

Но да одиме по ред. Случајот ‘Славија’ стана топ тема во јавноста пред една година. Братот на првообвинетот Кирил Ковачевски, Методија ни раскажува дека првично, според месната надлежност предметот бил во Основен суд Скопје 2. Тој се сеќава и на датумот, на 27 април, кога брат му бил уапсен со лисици на рацете. Истрагата ја водел Вања Јуруковски, кој јавноста го памети како истражен судија во случајот ‘Раштански лозја’. Методија Ковачевски за овој дел од истрагата вели:

– Луѓето што беа сомничени се јавија на распит, на 28 април 2006 година и дадоа исказ. Но, истражниот судија Вања Јуруковски не прифати да им определи притвор како што бараше обвинителот Марко Зврлевски. Незадоволен од одлуката на Јуруковски, Зврлевски даде жалба, и во петок на 5 мај во 19 часот, што е несвојствено за еден кривичен совет, беше преиначена одлуката и одреден 30 дневен притвор. Но тогаш настана една своевидна кампања низ медиумите за судиите во скопска двојка. Бомбастично беше најавувано дека во ‘Славија’ се инволвирани неколку судии, и наеднаш, истиот месец мај Апелациониот суд одлучи да се изземе не само судијата туку целиот Основен суд Скопје 2 и предметот да се префрли во ‘единицата’- објаснува братот на осудениот Ковачевски.

На прашањето ‘зошто’, Методија Ковачевски одговара со зборовите: Никој не знае зошто е направен овој трансфер, но тоа е сторено на барање на јавниот обвинител, Александар Прчевски’. Тој потсетува дека дури била покрената истрага против судијата Александар Младеновски, но додава дека на крајот постапката била прекината, или со други зборови се покажало дека нема ништо од целата ‘конструкција’ што била повод за префрлање на досието ‘Славија’ на друг суд.

ХАЈКА ПРОТИВ СУДИИТЕ ОД ‘ДВОЈКА’

И по завршената истрага, предметот ‘Славија’ завршува за судење кај Вангелина Маркудова. Во дописот што до редакцијата на ‘Фокус’ го доставија роднини, но и вработени од ‘Славија’, се наведува дека пристрасноста во водењето на постапката и високите казни се последица на тоа што Маркудова е лично засегната со предметот кој го судеше.

Имено таа живее во вонбрачна заедница со Данило Томашевски, кој е поранешен работник во Славија. Нему Славија му должи на име на плати околу 55. 270,00 денари. Но она што е уште поинтересно е дека Томашевски во 1994 година склучил договор за деловно-техничка соработка со Славија, под бр. 01-2323, со кој земал под закуп една од продавниците на Славија (продавница бр. 201), на бул. КЈ Питу б.б. Една година подоцна или од октомври 1995 до крајот на 1999 година, Томашевски не ја плаќал закупнината, и останал должен на Славија 1.704.035,50 денари. Овој износ Томашевски никогаш го нема платено на Славија – стои во дописот што ни го испратија приврзаниците на осудениот Ковачевски.

Понатаму, според нивните сознанија, на фирмата на Томашевски – ТП Данко е отворена стечајна постапка, што со други зборови значи дека овие побарувања на Славија од околу 1,7 милиони денари, без камата, имале влијание за отворање и текот на стечајната постапка. Доколу и го одбиеме или пребиеме неговото побарување за неисплатените плати, сепак долгот е многу поголем за закупнините. Сето ова ја доведува под сомневање објективноста на судијката Маркудовска поточно имлицира пристрасност. Дури и ако овој предмет и е доставен по случајен избор, самата требала или морала да побара изземање од случајот согласно ЗКП. Фактот дека прифатила да одлучува по овој предмет при постоење на овие околности, се претпоставува дека тоа го работи смислено, што е нечесно, пред се, за еден судија – коментираат приврзаниците на првоосудениот Кирил Ковачевски.

sudnica

На мојата забелешка евентуално да не станува збор за лице со исто име и презиме, Методија Ковачевски е дециден:

‘Маркудова живее со дотичниот Данило Томашевски во ист стан од 1997 година. Тврдам и имам сто сведоци. Барем станарите од зградата добро го знаат ова. За жал, овој овој битен податок не го знаевме до сега. А навистина цело време не можевме да сфатиме зошто Маркудова така тенденциозно го води случајот. И наеднаш ни се разјаснија сите моменти. Замислете, ова ни го дошепна еден од толпата што протестираше пред судот кога се изрекуваа казните. Од тој момент, па во наредните неколку дена, бевме шокирани дека ова го знаеле некои и во судот. Кога ѕирнавме во архивата на Славија, дојдовме до сознание не само дека е бивш вработен и е влезен во стечајното решение со побарувавања за плати, туку уште поинтересно имал земено објект под кирија од ‘Славија’, при што како потписник од ‘Славија’ кој му го дава дуќанот е еден од наводно оштетените односно го претставува здружението на бившите вработени кои си ги бараат правата’, вели Методија.

‘НАЕДНАШ НИ СЕ РАЗЈАСНИ’

Сега чекаат да ја добијат пресудата, па потоа во жалбата ќе биде наведен и овој момент кој фрла сомнеж во непристрасноста на судијата. Од друга страна, братот на доминатниот сопственик на ‘Славија’, Ковачевски, ја застапува тезата дека целиот случај е исконструиран со политичка заднина затоа што брат му одбил да даде дел од просторот на ‘Славија’ на српска ‘Делта’.

– Уште летото 2005 година кога директорот Мишковиќ од ‘Делта’ дојде во Скопје, премиерот Бучковски преговарал со него за магацините на Славија во Кисела Вода кои опфаќаат околу 16 000 м2, или иста кавдратура што потоа тој им ја продаде во Карпош кај хотелот Александар Палас, и тоа по околу 900 евра квадрат. Имавме сознанија дека магацините на Славија Бучковски ги пазарил за 30 милиони евра. Од каде знам? Па, госпоѓата што е подносител на кривичната пријава имала контакт со претставниците на ‘Делта’ и таа му реферираше за ваквиот договор на брат ми. Но, Кирил не се согласи да отуѓува имот на Славија, па ниту овој простор, Брат ми примаше и пораки ‘Славија’ да биде спонзор на СДСМ за изборите во 2006, но и ова го одби. И тогаш настана целата хајка и конструкција против Кирил – ја објаснува својата теза за улогата на Делта во случајот Славија, Методија Ковачевски.

Патем речено, Владата на Груевски го раскина договорот за земјиштето во Карпош што со ‘Делта’ го склучи Владата на Бучковски.

И тука некаде се присетив на разговорот со Стојан Андов минатото лето. Интервјуто беше посветено на лустрацијата, или со него Андов го најави овој проект. Говорејќи за тајната мрежа која ни ја ги креира стварноста, Андов ја наведе и незјината папочна врвца со Белград. Го спомена во тој контекст Методија Смиленски, па неочекувано тука го вметна и случајот ‘Славија’. Еве што ни изјави тогаш:

ДА Е ЖИВА И ЗДРАВА АМА…

‘Кај нас до ден денешен не е јасно како овој таен систем  фунционира, преку кои копчиња се контролираат судовите, медиумите, обвинителствата, полицијата. Во медиумите, на пример ќе сретнете вакви случаеви. Ако има било какво мало сомневање за некој, кој е неподобен за оваа структура за која зборуваме, било да е судија, финансиски стручњак, за него ќе изнајдат афери и веднаш се пишува за тоа. Никој потоа не настојува да ја ископа работата понатаму и да види од каде дошле тие информации, зошто дошле, која е нивната цел, дали тајната полиција стои зад таа работа. Еве, сега, слушам нешто се плете околу случајот ‘Славија’. Таму сакаат да ги отстранат сите судии, сите стручњаци кои дадоа отпор кон обидот ‘Славија’ да ја земе некоја тајна групација, која сака да ја продаде на некоја голема белградска куќа. Тоа е многу интересно. Полицијата ја води таа работа, медиумите го поддржуваат тоа’,  коментираше Андов пред 10 месеци.

Морам да признам дека никогаш не го потпрашав ‘чуму Славија’ или едноставно заглушувачкиот хор си ја одигра работата и ја создаде таквата посакувана перцепција. Всушност валканата приватизација на која бевме сите сведоци придонесува секоја вест за апсење на вакви махери да биде благопријатно доживеана. Секако, и сега не навлегуваме во суштината на спорот. Вообичаено секогаш осудените се сметаат за наместени. Адвокатот на Ковачевски, Александар Тортевски смета дека целиот процес е голем преседан (види рамка). Но нашиот акцент овој пат е на друго подрачје. На она што претходи на пресудата, на полициско-обвинителско-судскиот дел како последица на што се иззема цел еден суд, се дигна џева против неколкумина судии, за на крајот да се предаде на судија кој најмалку од етички причини не смеел да го прифати тоа.

Инаку, Вангелина Маркудова се јавува како судија и во случајот со уценувачите на скопскиот градоначалник Трифун Костовски, како и во еден од најконтроверзните таканаречениот ‘беспилотните летала’, кој Аплециониот суд го врати на повторно судење. Од неодамна таа е меѓу деветмината судии кои работат во одделението за организиран криминал.

На крајот, да се приклучиме на задоволните од осудителната пресуда – ‘да е жива и здрава, судијката’, ама не е здраво за судскиот и правниот систем доколку свесно се премолчани деталите за нејзината поврзаност со долговите на ‘Славија’.

Александар ТОРТЕВСКИ, адвокат на Ковачевски и Павловска

ОВА Е ОПАСЕН ПРЕСЕДАН!

Tortevski‘Во судскиот процес ‘Славија’ за мене е скандалозна тезата што ја застапуваше јавниот обвинител Марко Зврлевски, а со која издејствува осудителна пресуда на 6 односно 5 години затвор, за Ковачевски односно Павловска. Имено обвинителот тврдеше дека Кирил Ковачевски наредил да се изврши порамнување по непостоечки долг, а всушност тој долг е утврден со две правосилни пресуди. А на Павловска гревот и е што постапила по тие две правосилни пресуди, иако според Закон за судови, правосилните пресуди ги обврзуваат сите субјекти во државата. Ако сега оваа пресуда на Маркудова опстане, тоа ќе значи дека јавниот обвинител ќе може да ги поништува сите правосилни пресуди, без разлика на истечени рокови дури и за повторување на постапката, ќе може да бара да се притворат како странките така и судиите што ги донеле пресудите. Ова е многу опасен преседан со кој се урива целокупниот правен систем и правната сигурност во државата. Шокантно ми делуваше првичната информација за поврзаноста на Маркудова со ‘Славија’. Не ми е јасно зошто самата не побарала да се изземе од овој предмет. Но, овие нови сознанија ќе ги наведеме во жалбата до Апелациониот суд’, изјави за ‘Фокус’ во врска со овој случај Тортевски.

Поврзани новости