Даравелски се враќа дома, Груевски треба да се секира?

by Фокус

архиваТекстот е објавен на втори декември 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 857

И, додека екс-цариникот сега најверојатно живее во страв, во својот стан на улицата Крунска во центарот на Белград, очекувајќи го своето несакано доаѓање во татковината, во страв живеат и голем број високи партиски и државни функционери во земјава – дали тој ќе повлече со себе дел од високите структури, ако биде екстрадиран во Македонија?

Пишувала
Мери ЈОРДАНОВСКА

Потписот се стави – македонските криминалци кои се кријат во Србија ќе можат да бидат екстрадирани во земјава, за да ја отслужат казната затвор. Министрите за правда на Македонија и на Србија, Блерим Беџети и Снежана Маловиќ, со потпишаниот договор дадоа зелено светло за екстрадиција на Драган Даравелски, екс-директорот на Царинската Управа на Македонија, осуден во отсуство на 7 години затвор, за проневери од царината од 1,7 милиони евра.

И, додека ексцариникот сега најверојатно живее во страв, во својот стан на улицата Крунска во центарот на Белград, очекувајќи го своето несакано доаѓање во татковината, во страв живеат и голем број високи партиски и државни функционери во земјава – дали тој ќе повлече со себе дел од високите структури, ако биде екстрадиран во Македонија?

Одговорот на ова прашање е повеќе од очигледен, особено ако се земе предвид фактот, дека неговиот имот брои десетици фирми во Скопје и Куманово, кои тука работат со полна пареа, и, нормално, со нечија дозвола. Даравелски, според последните информации, наголемо работи на тоа да го скрие имотот префрлувајќи го на други имиња, па Агенцијата за управување со одземен имот нема многу време за да му влезе во трагата на цариникот, кој со помош на српскиот пасош успеа да ги избегне затворските решетки!

МРЕЖА ОД ЦАРИНИЦИ, СУДИИ, ПОЛИТИЧАРИ..!

Малку е да се каже дека Даравелски е само еден поранешен македонски цариник, кој без тендер набавувал возила по повисоки цени, а потоа им ги подарувал на фирми и незаконски доделувал спонзорства. Списокот е малку подолг, особено ако се земе предвид, кои се луѓето во опкружувањето на Даравелски.

Да почнеме од оние официјалните. Имено, уште една кривична пријава го чека Даравелски во Македонија, овој пат за многу повисока сума од оние 1,7 милиони проневерени од царината. МВР лани поднесе кривична пријава против него и уште против четири лица за нелегална приватизација и препродажба на „Бисерка“, за што постојат сомнежи дека се стекнале со имотна корист од милионски суми. „Бисерка“, која сега е во распад, отвори сомнеж за криминал од висок степен.

Според пријавата, Даравелски од 1999 до 2002 година, заедно со Звонко Јосевски, поранешен претседател на кумановскиот суд, незаконски го присвојува имотот на „Бисерка“. За да го заштитат овој имот од можна заплена од државата, тие покренуваат судска постапка во 2002 година, искористувајќи ја можноста, во текот на 1993 година преку игри на среќа организирани од „Бисерка“, наводно Јосевски да се стекне со добивка од над 3 милиони евра!

Овој износ Јосевски наводно го добил при играње игри на среќа на апарат во хотелот „Кристал“ во Куманово. Тој во 1993 година покренува судска постапка против „Бисерка“ за наводната добивка, но во 1998 година судот носи пресуда во корист на фирмата. Криминалните активности продолжиле и во наредната 1999 година, кога Даравелски веќе бил директор на Царина, а Јосевски бил назначен за претседател на Основниот суд Куманово.

За само три месеци, на 27 септември 2002 година, Основниот суд Скопје 2 носи правосилна и извршна пресуда во корист на Јосевски, со што „Бисерка“ е задолжена на име главен долг и камата да му плати износ од 3,7 милиони евра!!!

Така, имотот, на јавното надавање, во извршната постапка бил купен од Јосевски, за износ од 3,2 милиони евра. Средства не биле уплатени од негова страна, со оглед дека истиот имал судско извршно побарување во износ од 3,7 милиони евра. Во извршната постапка, целокупниот имот на „Бисерка“ бил проценет на износ од 3,6 милиони евра, многу помалку од пазарната вредност. На овој начин, на штета на акционерите на „Бисерка“, Јосевски се стекнал со движен и недвижен имот со пазарна вредност.

Подоцна постоел обид овој имот да му се продаде на Бајруш Сејдиу. Обидот бил неуспешен, но во рацете на тутунскиот бос се нашле други фирми, со кои претходно владеел Далаверски.

Истата година, во ноември 2002, поранешниот цариник го снемува од Македонија. Македонската полиција во 2003 распишува меѓународна потерница. После две години, се потврдува дека тој е во Србија. Уапсен е на 27 мај 2004 година, во стан во центарот на Белград.

Одреден му е екстрадиционен притвор, а барањето на македонското Министерство за правда за екстрадиција е одобрено. И до тука, сѐ тече по правилата.

Но, на 1 јули, Даравелски излегува од притвор, судот потврдува дека тој во меѓувреме добил српски пасош, а Србија не дозволува екстрадиција на нејзини државјани, доколку не постои договор за билатерална соработка меѓу двете држави, како оној што беше потпишан во вторникот.

Оттогаш, Даравелски е слободен граѓанин. И, како за крај, доволно е да се каже дека во 2002 година, премиер беше Љубчо Георгиевски, а министер за финансии Никола Груевски. Ако сега и го отворите Фејсбук профилот на сопругата на Даравелски, 18 години помладата Викторија Џимревска, првата фотографија што ќе ја забележите е плакатот од предизборната кампања на ВМРО-НП на Георгиевски – „Тука сме, да ја кренеме Македонија на нозе“. Очигледно, пријателството сѐ уште тлее.857 NASLOVNA copyОД ЕКСТРАДИЦИОНЕН ПРИТВОР – ВО БЕЛГРАДСКИОТ РАЈ

Драган Даравелски сега со македонски пари се луксузира во Белград. Барем тоа го правеше минатата година, кога А1 телевизија се обиде да го лоцира. Со два стана и раскошно модно студио за неговата сопруга во центарот на Белград, Даравелски несомнено е еден од најбогатите граѓани. Тој живее на улицата Крунска, на само неколку метри од три амбасади и од седиштето на Демократската партија. Екипата на А1 влезе во зградата и пред вратата на станот која беше обезбедена со камера, но, девојката што отвори, не беше расположена за разговор. На името на Даравелски се води уште еден стан, на улицата Краљ Милан, кој се наоѓа спроти претседателската резиденција. Таму е веќе осум години. Безбеден беше додека не ја напушти Србија. Сега, со потпишувањето на билатералниот договор меѓу двете земји, повеќе не е. Кога А1 го објави имотот на Даравелски, во јавноста излезе неговиот татко Томе Стојановски. Тој праша – дали Груевски знаеше за наводниот криминал на мојот син?

– Кога Даравелски беше директор на Царинската управа, Груевски беше министер за финансии, а управата беше во состав на Министерството за финансии. И сега јас барам тој да ми помогне, бидејќи сигурно знае што се случувало и дали навистина имало криминал. Но, ниту тој, ниту пак министерот за правда Маневски, не сакаат да ме примат – изјави таткото на Даравелски минатата година.

Тогаш беше спроведена и судската одлука против Даравелски. Нему му  беа конфискувани три куќи во Куманово и еден плац во Скопје во вредност од 2 милиони евра. Но, последните информации говорат дека ќе се чепне и по неговиот имот во Србија. Се разбира, ако нема некој во Србија и во Македонија што сѐ уште го штити поранешниот цариник.

СКЕПТИЧНИ ЕКСПЕРТИ

Србија се смета за една од државите кои во последниве години станаа прибежиште за македонските осуденици за криминал. Оттаму е и недовербата на експертите, дали и покрај договорот за екстрадиција меѓу Македонија и Србија, мисијата успешно би била завршена. Имено, секој што успеал по кратка постапка да добие пасош и да ја избегне правдата во друга држава, очигледно има дебел грб што го штити.

– Јас лично имам резерва дека екстрадицијата ќе биде успешна во регионов. Во случајов, спогодба има, но ништо понатаму не се случува, па пораката до јавноста не е добра. Јавноста треба да има доверба во институциите, правото, и гаранција дека меѓународните договори навистина ќе се применуваат. Екстрадицијата е навистина проблем во цел регион и ќе биде проблематична, имајќи го предвид заедничкото минато на политичките и криминалните структури во целиот Балкан – вели Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“.

Со сличен став е и политичкиот аналитичар Осман Кадриу.

– Откако ја сменивме регулативата, следен чекор беа договорите за соработка за екстрадиција. Тоа се случи, но екстрадиција, како што велите – нема. Ако е постигната спогодбата, значи останува само нејзината реализација. Проблем е ако нашите акти и барања за екстрадиција не се спроведуваат. Доколку е така, доколку тие се процесуирани во Србија, тогаш проблемот треба да се издигне на поголемо ниво, се знае како одат тие работи. Нашето министерство за правда треба да контактира со нивното министерство, истото важи и за нашата полиција, Владата и Министерството за надворешни работи. Се знае што се прави ако барања има, а екстрадиција нема. Во оваа фаза не треба да се меша политиката. Значи, не треба да има никаква политика, туку да се спроведува правото и обврските од спогодбата – вели тој.

До затворањето на „Фокус“, од Министерството за правда не добивме конкретен одговор, дали и кога Даравелски ќе биде испорачан во Македонија, нешто што ќе ја отвори Пандорината кутија за сомнежи за криминал од милиони евра. Потврда даде единствено Томислав Ѓурин, српскиот амбасадор во земјава, кој во интервју за „Капитал“ изјави:

– Има неколку познати македонски криминалци кај нас, не е само Даравелски, и сите многу брзо ќе се испорачаат. Наскоро треба да се потпише и спогодба за заеднички налог за апсење. Bидете сигурни дека секој криминалец кого Македонија ќе го побара, ќе биде испорачан. Нам ни се поважни меѓудржавните односи, отколку поединци. Особено ако се работи за криминалци. Имаме голема доверба во македонското судство, и, секако, очекуваме и реципроцитет.

Eден од оние што најмногу сакаат да го видат Даравелски во затвор е новинарот Зоран Божиновски. Во 2002 година тој беше претепан од четири лица кои влегоа среде емисија во радиото „Тумба“. Во еден од напаѓачите, Божиновски го препозна Горан Трајковски – Тајто.

– На 22 јули 2009 во присуство на двајца сведоци се сретнав со Тајто и тој ми кажа дека нарачката била од ДПМНЕ и од Даравелски. Штом го слушнав тоа, заминав за Србија и не мрдам оттука додека не го видам Даравелски во затвор во Македонија. Но, ако тој биде екстрадиран, ќе падне и српската и македонската влада. Цела пирамидална конструкција ќе се сруши – вели Божиновски, кој со години го истражува имотот и зделките на поранешниот директор на Царината.

Дали клопчето ќе се одмота, со оглед на тоа што првите луѓе на Даравелски сеуште работат во Македонија, дел сеуште се во Царината, а дел на високи политички позиции, останува на политичката волја од двете држави!

Тамбурковски, Чочоровска, Смиленски…
НЕ СЕКОЈ ДВОЕН ПАСОШ НОСИ СЛОБОДА

Поранешниот стечаен управник Владимир Тамбурковски, кој има бугарско државјанство, предава на факултет, никогаш не одговараше за злоупотребите и спорните приватизации во Македонија. Така, најпопуларното алиби во судските случаи се вика „двојно државјанство“. Не случајно осудената за шверц на кокаин Станислава Чочоровска инсистираше на добивање српско државјанство, а тоа брзопотезно го стокми и најголемиот прогонуван банкар Методи Смиленски, кој имаше австриско државјанство. Сепак, ова не го спаси бизнисменот Смиленски од екстрадираwe во Македонија, kade ја отслужува затворската казна за неколку кривични дела поврзани со пропаста на голем број македонски фабрики и фирми!

Целиот Балкан се мрда
ЧЕКАМЕ ЕКСТРАДИЦИЈА НА 73 ЛИЦА

Македонија до средината на годинава имала над 300 активни меѓународни потерници за македонски државјани кои успеале да ги избегнат затворските решетки или сомнежите за криминал. Од целиот Балкан, Македонија бара екстрадиција на 73 лица, говорат податоците на МВР.

Лани, договори за екстрадиција потпишаа Црна Гора и Србија, и оттогаш разменија 25 осомничени или осудени.  Во август минатата година, хрватскиот државјанин Среќко Калиниќ стана првото лице што беше екстрадирано од Загреб во Белград, според условите на билатералниот договор за екстрадиција. Калиниќ беше осуден на 40 години затвор за вмешаност во заговор за убиство на Зоран Ѓинѓиќ, поранешниот српски премиер.

Косово има потпишано договор за екстрадиција само со Македонија и заедно со Босна останува прибежиште за бегалците кои ја избегнуваат правдата во регионот, пишува „Балкан инсајт“.

Поврзани новости