Во пожарот што го зафати трговскиот центар во Русија почина цело одделение од основно училиште

by fokus

Фото: АП

64 луѓе загинаа, а десетици се повредени во огнениот пекол кој го зафати вчера трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово. Странските медиуми пишуваат дека меѓу жртвите се голем број деца. Наводно во огнената стихија починале деца од цело одделение на основно школо.

Како што се наведува, групата деца со учителката, дошле на излет во Кемерово. Училителката одлучила да прошета, а децата останале во киното, од каде не успеале да излезат, пренесува B92.

Ана Заречнева, која го посведочила настанот, изјавила дека пожарниот аларм не се вклучил воопшто. Ана и нејзиното семејство успеале да избегаат на време затоа што другите посетители на трговскиот центар ги предупредиле дека има вонредна состојба.

„Моравме да излеземе поради пожарот. На спратовите каде се кино салите, беше целосна темница. Луѓето се во паника“, навела таа.

Дел од медиумите пишуваат дека е покрената истрага, дека четворица се уапсени и дека се трага по сопственикот на трговскиот центар.

Билансот на жртви постојано се зголемува откако пожарникарите започнаа со пребарување на изгорениот дел од зградата.

Пожарот изби во неделата на четвртиот спрат, каде се наоѓаат кината и детските катчиња. Таму се наоѓале сите кои го изгубија животот. Министерството за вонредни ситуации соопшти дека две кино сали од четвртти кат пропаднале на третти.

Пожарот е изгаснат утринава, откако горел цела ноќ. Трговскиот центар бил отворен во 2013 година и според досегашните информации не исполнувал многу од потребните критериуми за безбедност.

Во Кемерово ќе биде воведена тридневна жалост во чест на жртвите.

Поврзани новости