Долга ли е раката на Контоминас?

by Фокус

Текстот e објавен на 13 февруари 2012 во дневниот весник „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Со оглед дека грчќкиот бизнисмен Димитрис Контаминас гради барокен хотел на скопскиот плоштад, а пред шест години Гркот бил посредникот во поткупот на Телекомот, се поставува прашањето кои се луѓето преку кои овој контроверзен лик инвестира во Македонија и зошто тие денес не сакаат да разговараат со новинарите?

Станува збор за адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“, чиј претставник Серјожа Марков минатата година, кога Контаминас го купи атрактивното земјиште, на новинарите им објаснил дека неговата фирма е само правен застапник на грчката „Демко“ во сопственост на грчкиот магнат. Документите од Централниот регистар откриваат дека скопската фирма на Контаминас е сместена на истата адреса со адвокатската канцеларија и со неа директорува адвокатка, која работи во „Чукиќ и Марков“.

Токму името на адвокатот Серјожа Марков опозиционерите од СДСМ го поврзуваа со владејачката партија. Тие, во неколку наврати, и преку соопштенија и во Собранието изјавија дека Марков е „дежурен адвокат на фамилијата инсталирана во ВМРО-ДПМНЕ“, но за нив интересни биле и роднинските врски на адвокатот во судството и во политиката.

Па така,  во едно од соопштенијата кои може да се најдат на сајтот на СДСМ стои дека сестра на Серјожа Марков е судијката Маја Маркова – Котевска, која пак е сопруга на портпаролот на полицијата Иво Котевски, и која како судијка од 2008 година работи во Основниот суд Скопје 2.

Понатаму, во препукувањата на опозицијата со ВМРО-ДПМНЕ, неколку пати е спомнато дека мајката на адвокатот Серјожа Марков и на судијката Маја Маркова – Котевска е Љубинка Муратовска – Маркова, која од јануари 2007 е дел од Антикорупциската и во моментов го тера вториот мандат во комисијата. Токму парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ ѝ овозможи на Љубинка Муратовска – Маркова и по втор пат да биде член на Антикорупциската, бидејќи пратениците го сменија законот според кој антикорупционерите немаа право на два мандата.

Токму за Муратовска – Маркова и за нејзиниот син, во неделникот „Глобус“ пред две години зборуваше и бизнисменот Зоран Азманов. Според него, во Антикорупциската комисија главен збор водела Муратовска-Маркова иако била во сенка, додека за нејзиниот син Серјожа Марков, Азманов изјави дека го советува премиерот.

Исто така, СДСМ, на една од своите прес-конференции, обвини дека „газдата на ’Сведмилк“ Моше Баум по приведувањето бил веднаш пуштен, зашто адвокат му бил Серјожа Марков“.

Адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ на својата веб-страница објавила дека нивни клиент меѓу другите е и фирмата „ХЛХ МАЦ ЛЛП“, која во јавноста е позната како компанијата која треба да го гради хотелот зад „Рамстор“. Опозицијата овој проект го нарекуваше „Хотелска ОКТА“ и тврдеше дека зад него стои „фамилијата и бизнисменот Орце Камчев“.

Сето ова го отвора прашањето дали власта има мотив целосно да го открие криминалот со поткупот на Телекомот, во кој сепак главната улога ја имале функционерите на СДСМ и на ДУИ во 2005 и во 2006 година?

 Од кај Миле си имаат навика да молчат

Медиумите лани објавија дека Гркот Контоминас од државата купил земјиште на скопскиот плоштад за 630.000 евра и ќе гради хотел како дел од проектот „Скопје 2014“, додека неговата скопска фирма била единствена на јавното наддавање.

„Фокус“ го контактираше Министерството за транспорт и врски, за да добие информација до каде е процедурата за градба, но иако ни беше ветено таа информација повеќе од една недела никако да ја добиеме.

Ресорот на Миле Јанакиески веќе неколку месеци ни должи и одговор на прашањето дали токму министерот бил кум на свадбата на човекот чија фирма гради во близина на рушевините на „Космос“ на Фиат Цаноски.

Поврзани новости