Може ли Гркот Контоминас од аферата со Телеком да гради на скопскиот плоштад без амин од „Фамилијата“?

by Фокус 18:47
18:47

Текстот е објавен на 10 февруари 2012 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Влегуваме во вториот месец од моментот кога пукна аферата со Телекомот во која до гуша се влезени членови на СДСМ и на ДУИ како функционери во кабинетот на Владо Бучковски до 2006 година.

- Advertising -

Цивилната тужба на Американците е многу јасна и во неа се вели дека политичари од двете партии зеле мито за да го одложат влегувањето на третиот мобилен оператор во државава, а фактот дека „Маѓар телеком“ се спогоди со американските власти покажува дека тие ги признаваат делата за кои се обвинети. Тоа, пак, ќе ги чини речиси 100 милиони евра, бидејќи како компанија котирале на берзата во Њујорк и со митото ги прекршиле законите во САД.

И додека сите очекувавме владејачката ВМРО-ДПМНЕ да го искористи овој пенал и да го капитализира како уште еден доказ на тезата дека корупцијата е карактеристика само и само на нивните противници, тоа за „дивно чудо“ не се случи!

Уште повеќе изненадува фактот што тие никогаш не пропуштаат шанса да ги оцрнат своите конкуренти и за ситни суми кои мора да ги прикажуваат во денари за да изгледаат уште пострашно. Таков пример е случајот со Ване Цветанов, кого го товарат за наводен криминал од некои десетина илјади евра, додека, ете, кога во прашање е Телекомот, нема кривична за членовите од СДСМ и од ДУИ во чии раце завршил дел од тие фамозни 4,88 милиони евра. Навистина чудно!

 

ГИ АМНЕСТИРАА И ТОРПЕДАТА НА ДУИ

На прва топка се чини дека аферата се забошотува поради тоа што, освен сдсмовците, во неа длабоко се влезени и интегративците на Али Ахмети, кои веќе четврта година се во коалициска прегратка со груевци.

Можеби аферата ќе им помогне на ВМРО-ДПМНЕ во некоја идна меѓувладина пресметка, ама тешко дека деталите за тоа ќе излезат од зградата која треба да добие нова и античка фасада.

А дека ДУИ се влезени со двете нозе во аферата, многу јасно е напишано во цивилната тужба на американската Комисија за хартии од вредност. Таму црно на бело е објавено дека фамозниот троец од „Маѓар телеком“

Елек Штрауб, Андрас Балох и Томас Морваи се плашеле дека интегративците може да им го урнат пазарот со функционерите од СДСМ, бидејќи токму луѓето на Ахмети ги држеле позициите во регулаторните тела што биле одговорни за распишување трет мобилен оператор, а токму конкуренцијата на тоа поле најмногу ги болела Унгарците.

Во имејл-комуникацијата меѓу креаторите на коруптивната шема стои дека ДУИ би го торпедирала пазарот со СДСМ и би го уништила за само два месеца доколку и тие не бидат подмачкани. И погодувате – Законот за електронски комуникации заедно со спорниот амандман мазно поминале во Собранието, без никакви пречки од албанскиот партнер во тогашната, а мораме да потсетиме и во актуелнава влада.

Токму денешниот втор директор во Фондот за здравство, Џемали Мехази, како министер за транспорт и врски во Парламентот, го бранеше „подмитениот“ закон за кого освен од СДСМ интересно е дека гласале и народњаците на Љубчо Георгиевски. Груевски, пак, како лидер на опозицијата и неговите пратеници или не биле на седницата или воопшто не гласале по овој закон, па така во финалниот скор немало пратеници кои биле против оваа „подмитена“ регулатива.

А во стилот на Преродбата и во духот на нејзината парола дека „молчењето е одобрување“ може да кажеме дека веројатно со дебела причина ниту Мехази, ниту, пак, кој било од ДУИ денес не сака да зборува на оваа тема.

 

НЕКОЈ НЕ ГО ГЛЕДА ДОГОВОРОТ ОД ВРЕМЕТО НА „АНАЛИТИКО“

Опозицијата, на чело со Јани Макрадули, со цел да ја насочи целата приказна кон власта, во аферата ја фрли партиската фирма на ВМРО-ДПМНЕ „Аналитико АИ“, а богами решија да ги фрлат низ вода и своите митаџии. И токму од фразата „СДСМ не бега од одговорноста“, малку поупатените познавачи на состојбите може веднаш да ги лоцираат луѓето од опозициската партија кои се омрсиле од Телекомот.

Факт е дека во ниту еден ред од американската тужба против „Маѓар телеком“ не се спомнува опозициска партија ниту, пак, нешто алудира на фирмата „Аналитико“. Сепак, овие обвинувања добиваат на тежина доколку се прочитаат заклучоците на „Транспаренси интернешнел“ во врска со оваа афера.

Невладината на Слаѓана Тасева во својот извештај на едно место забележува дека македонските органи на прогонот третираат помалку договори на Телекомот со кипарските фирми, отколку истражителите во Америка. Дополнително, македонската полиција во својата кривична пријава не го вклучила договорот на Телекомот со кипарска фирма за кој трансакцијата на парите се случила на 30 мај 2006 година.

Само за потсетување СДСМ откри, а власта никогаш не демантираше дека Телекомот во мај 2006 година, непосредно пред изборите склучил договор со „Аналитико АИ“, во која директор бил вмровецот Оливер Шамбевски, а вработени биле речиси сите министри од кабинетот на Груевски, заклучно со министерката за полиција Гордана Јанкулоска.

Оттука се поставува прашањето зошто тој договор бил спорен за Американците додека не и за нашата полиција раководена од поранешната вработена во „Аналитико“.

Објаснувањето на МВР и на Обвинителството е дека сите договори се третираат, а во постапка се влезени само оние за кои имало докази.

Дополнително, токму Макрадули на собраниска седница го праша јавниот обвинител Љупчо Шврговски дали знае дека во процесот на истрага бил испрашуван и директорот на „Аналитико“ Шамбевски, но обвинителот го одбегна одговорот. А веројатно и истото го прави и Шамбевски од кого „Фокус“ побара реакција на овие тврдења преку амбасадорскиот имејл на кој според МНР тој редовно одговарал. До затворањето на весникот немавме ниту потврда, ниту демант од Шамбевски за обвинувањето дека тој бил испрашуван во истрагата.

Анализата на „Транспаренси“ открива и уште неколку интересни моменти од скандалот, кои може да бидат мотивите поради кои ВМРО-ДПМНЕ, колку и да гори од желба, не смее да го одмота клопчето околу Телекомот.

„Меѓу 2000 и 2006 година, мала група поранешни високи извршни лица на компанијата (н.з.„Маѓар телеком“) и на македонски филијали на компанијата, одобриле трошење од околу 24 милиони евра низ повеќе од 20 сомнителни договори за консалтинг, лобирање и други договори“, се вели во извештајот на оваа антикорупциска организација.

Ако внимателно се чита последниов пасус, ќе се сфати дека немало само седум договори кои ги испитуваат Американците и дека не биле само 4,88 милиони долари и оти сомнителни шеми имало и пред 2005 и 2006 година.

Имено, чудни договори имало и во двете последни години од првиот владин мандат на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот кога министер за финансии е токму денешниот премиер Никола Груевски.

„Транспаренси“ потенцира дека покрај поткупот планот на митаџиите од „Маѓар телеком“ опфаќал и уцени кон Владата дека нема да ја исплатат дивидендата, која можела да изнесува меѓу 40 и 96 милиони евра, додека троецот Штрауб, Балох и Морваи разгледувале и како да ги искористат „слабостите во договорот за продажба на акции на Македонски телеком А.Д. Скопје“.

Не мора да должиме дека токму ВМРО-ДПМНЕ во времето на Љубчо Георгиевски, кога Груевски не одел на битните владини седници, го потпиша овој договор „со слабости“.

 

КОНТОМИНАС ГРАДИ И МУВА НЕ ГО ЛАЗИ

И не само владата и ВМРО-ДПМНЕ, ами и режимските медиуми веќе не се занимаваат со овој скандал во кој, сепак, главните улоги ги имаат луѓето од опозицискиот СДСМ. Молкот е уште почуден со оглед на фактот дека главната поента на „Транспаренси“ беше дека посредникот во аферата и сопственик на кипарските компании е грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас.

И дека чуда нема, потврдува кратко интернет-пребарување на името на овој тајкун од Атина. Имено, веќе сите знаат дека фирмата на Контоминас, „Демко“, е влезена во проектот „Скопје 2014“ како инвеститор на барокниот хотел и Офицерскиот дом на скопскиот плоштад, кој ќе се гради само неколку метри од „Воинот на коњ“.

Минатата година во март, Министерството за транспорт и врски, преку наддавање ѝ го продаде атрактивното земјиштето на фирмата „ДЦ приме пропертис С.А“ од Скопје за 630.000 евра со обврска таа да ги откупи останатите парцели од приватните сопственици и да почне со градба.

Оваа компанија беше единствен понудувач а како нејзин претставник во Македонија се појави адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ од каде што за медиумите изјавиле дека тие се само правни застапници на грчкиот капитал.

Во Централниот регистар, оваа компанија е основана на 24 февруари 2011 година, односно само 15 дена пред наддавањето на кое победила и го добила атрактивното земјиште. Интересно е дека оваа инвестиција, која во медиумите се проценува од 30 до 50 милиони евра, ќе ја гради фирмата која има основачки влог од 5.000 евра. Понатаму, адресата на која е регистрирана компанијата е истата на која се наоѓа и адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“, додека како управител на оваа фирма се јавува извесна Менка Макаровска.

Името на Макаровска се наоѓа на листата од тимот адвокати со кој располага канцеларијата „Чукиќ и Марков“, и како нејзино работно искуство меѓу другото се спомнува и менаџирањето со компании.

„Фокус“ се обиде да исконтактира со Макаровска на мобилниот телефон кој е оставен на интернет-страницата на „Чукиќ и Марков“, а на повикот се јави женски глас, но личноста ни објасни дека таа не е Менка Макаровска и дека госпоѓицата која ја бараме во моментот не е на работа.

Ни вети дека ќе ѝ пренесе оти сакаме да се зборуваме за инвестицијата на „ДС приме пропертис С.А.“.

Истото ветување двапати го добивме и од секретарката на фирмата, но до затворањето на овој број од весникот не добивме повратна информација ниту од адвокатската канцеларија која се јавува како правен застапник на „Демко“ во Македонија, ниту, пак, од директорката на скопската компанија Макаровска.

Интересно е дека на веб-страницата на „Чукиќ и Марков“ има листа на нивни клиенти на која меѓу триесетина домашни партнери се наоѓа и фирмата „ХЛХ МАЦ ЛЛП“, која треба да го гради фамозниот угостителски објект зад „Рамстор“, проект кој опозицијата го нарече „Хотелска Окта“.

За овој случај во јавност говореше пратеникот од СДСМ Јани Макрадули кој тврдеше дека оваа фирма е регистрирана на иста адреса на која се наоѓа и компанијата на Орце Камчев и дека управителот на фирмата е лице кое работело во компаниите на сопственикот на „Орка“.

Според Макрадули, ова било доказ дека продажбата на земјиштето зад „Рамстор“ е монтирана за да се најде во рацете на најблиското опкружување на премиерот Груевски, односно дека зад купецот на плацот стои фирма на Орце Камчев.

Овие тврдења ги демантираше британската компанија која стои зад инвеститорот кај „Рамстор“, додека министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го доби на суд Макрадули оти се најде погоден од она што пратеникот на СДСМ го говореше на прес-конференциите поврзани со таканаречената „Хотелска Окта“.

На барање на опозицијата и во овој случај влезе „Транспаренси“ и според нивното мислење фирмата „ХЛХ МАЦ ЛЛП“ требала да биде исклучена од јавното наддавање за продажба на земјиштето зад „Рамстор“.

 

ЗА ИМИЊА ИМА ДА ПОЧЕКАМЕ

Има повеќе причини ВМРО-ДПМНЕ и власта да не го расчистат криминалот на „Маѓар телеком“. Ние му веруваме на Шврговски дека луѓето што влегле во криминалните шеми на Унгарците се образовани и интелигенти  и оти знаат добро да си ги покријат трагите, ама се надевавме дека тој и луѓето околу него се помудри и похрабри и сѐ би расчистиле без никаков компромис.

Не ни останува ништо друго, освен да го почекаме финишот на истрагата во САД, од каде што најавија дека ќе објават имиња за отприлика една година и да се обидеме да искамчиме нешто од спорадичните изјави на властодршците поврзани со овој скандал. А такви сигурно ќе има, ама не се сомневаме дека внимателно ќе ги одбираат зборовите!

 

РАМКА:
Чудно
САД ГИ ГОНАТ НАРАЧАТЕЛИТЕ, А НИЕ САМО ИЗВРШИТЕЛИТЕ

Интересен факт забележува „Транспаренси“ во нивните заклучоци по аферата со „Маѓар телеком“. Според нив, Јавното обвинителство во Македонија не повело постапка против организаторите на коруптивната шема, ами само против извршителите.
„За разлика од ЈО на Р. Македонија, органите во САД ги товарат токму овие лица, занемарувајќи го оние кои (ако не биле тие ќе биле некои други) само ја спровеле наредбата и формално ставиле потпис на документите“, пишува во извештајот на „Транспаренси“.
Основниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој го работел овој случај, вели дека обвинителството не покренало постапка против наредбодавците оти за нив немало докази.

Поврзани новости