Диџејот Danny Howells ќе настапи на плажата „Оревче“, парите ќе одат за поддршка на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ)

by Fokus
Еден од ветераните на електронската музичка сцена, прославениот диџеј и продуцент Danny Howells ќе настапи на плажата „Оревче“ во Градиште на 4 август. Британецот, кој три децении настапува во најпознатите светски клубови и поставува стандарди во прогресив хаусот, доаѓа во Македонија по пауза од десет години.

Howells е долгогодишен активист за заштита на животните, а сите средства собрани од неговиот настап на „Оревче“ ќе одат за поддршка на Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ).

Низ кариерата што започнала во доцните 80-ти во андерграунд клубовите на родниот Хејстингс, Howells стана еден од најистакнатите светски хаус-глобтротери. Со повеќе од 100 настапи годишно, од Рејкјавик до Мелбурн и од Мајами до Куала Лумпур, тој неуморно ја шири својата препознатлива музичка енергија.

Danny Howells најавува незаборавен четиричасовен настап во специфичниот клупски простор на четвртата плажа на Градиште, а организаторите велат дека ова ќе биде хаус-настан на годината на охридското крајбрежје.

Музичката програма на „Оревче“ на 4 август ќе почне уште напладне, со диџеите од тетовскиот колектив Олук, Vercho и B!Zarre, a во вечерната програма ќе настапат Lobor D од Србија, Cinci и Jansky (Олук).

Поврзани новости