Дамјан, синот на легендарниот фолк-пејач Војо Стојаноски, се подготува да замине во Австралија, каде ќе ја има својата прва музичка турнеја. Тој на 26-ти ноември ќе настапи на популарниот Фестивал на македонска храна, ќе одржи неколку концерти пред нашинците во Сиднеј и Мелбурн, а во Мелбурн ќе пее и за дочекот на Нова година. Тој вели дека е среќен што ќе се сретне со нашата дијаспора, како и дека отсекогаш знаел оти музиката еден ден ќе стане неизоставен дел од неговиот живот.
-Уште од раѓање јас растев со музика. Горд сум што сум син на еден од најквалитетните пејачи во македонската народна музика, и од татко ми научив многу. Кога имав 17 години, со него ја снимивме заедничката песна ,,Виножито’’ која беше и моја прва песна. Со неа настапивме и победивме на фестивалот ,,Гоце Фест’’. Од пред две години започнав активно да се занимавам со музика, имам настапи и веќе снимив десет песни – раскажува Дамјан, син на легендарниот Војо Стојаноски и новинарката Евица Камберова – Стојаноска, роден во 1996 година.
Дамјан имал само 18 години кога почина неговиот татко Војо, изведувач и автор на голем број хитови, кои и денес се пејат. Тој раскажува дека ќе го следи неговиот пат и ќе остане верен на народните македонски песни, кои беа најзастапени на репертоарот на неговиот татко.
-Веќе две години активно снимам песни, спотови, имам настапи. Продолжувам во духот на македонската народна песна и ќе го негувам тој мелос. Знам дека татко ми би бил горд на мене и тоа ми е доплнителен мотив да се посветам со уште поголема страст на музиката – вели Дамјан.
Тој е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек соло пеење. Годинава, на 32 издание на фолк фестивалот ,,Валандово’’ го освои првото место со песната ,,Мојот народ’’.
Вики Клинчарова