АРХИВА Дали Срѓан Керим, за да излезе од шишето на Преродбата, го „флашираше“ Дневник?

by Фокус

Текстот е објавен на 6 мај 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 827

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

На 5 јуни завршува најмрачниот период во македонското новинарство и започнува слободата на медиумите, воскликна потпретседателот на опозициската СДСМ, Гордан Георгиев во пригодното обраќање до јавноста по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите, кој случајно, ете, го славиме на еден месец пред терминот одреден за предвремените избори. Па, вообичаено за секоја предизборна атмосфера, од истата адреса беше декодирана и тајната за начинот на кој ќе се изведе ваквата „хепиенд“ дешавка, кога, наместо мракот, наеднаш силно ќе светне ден на македонската медиумска ораница!

„Со формирањето на Владата на СДСМ завршува молкот“ се враќа слободата, обзнани Георгиев и остана жив!

Како прво, вакво поедноставување на состојбите во една ептен шашардисана сфера, со различни фактор-групи, ми звучи дибидус портокалово, небаре излегло од памфлетите на Никола Груевски. Да појаснам, дури и најлибералната влада нема да може да ја врати слободата, ако газдите на медиумите и новинарите самите не го сакаат тоа или не прават напор да ја изменат состојбата. Напротив, од неслободата многумина извлекоа корист, па станаа моделче за останатите – како најлесно се прави профит од медиумскиот бизнис!

Со други зборови, слободата треба секој сам да си ја извојува, не да му ја одработи „робовладетелот“. Велат дека дури и животните да ги пуштите од зоолошката градина, после толку години укафезеност, ќе се изгубат во слободата на движењето!

Второ, ниту времето на сдсмовските влади не можам да го вбројам меѓу ѕвездените мигови за слободното новинарство. Тоа што имало и не полошо, туку ептен полошо од нивното, не ги прави по автоматизам ангелчиња. Сепак, во нешто сум 100 отсто со иста мисла како Гордан – ова е дефинитивно, без дилеми, според мене барем, најмрачниот период во македонското новинарство и слободата на медиумите!

Кога меѓу неколку лоши нешта правиш споредба, тогаш најмалку лошото ти изгледа како врвна вредност. Во ваков контекст, Љубчо Георгиевски беше најблагопријатен за нашата бранша. Можеш да пишуваш што сакаш, да го критикуваш до бескрај, а тоа не менуваше буквално ништо. Човекот ниту тужеше новинари, ниту затвораше газди, ама и ич уво не го болеше за новинарските откритија. И, така, си стана средно богат бизнисмен!

ЗОШТО ГО НЕМА „ШИШЕТО“ МЕЃУ УСПЕСИТЕ?

За ваквите мои импресии не се заслужни меѓународните фактори. Напротив, сметам дека тие само солидно ни го измериле умот. Сепак, заради Грујо преродбеникот, кој милува дури и на спотчиња да ни го клука мозокот со некаков скок на меѓународните рејтинг листи, ќе нафрлам кусо како котираме на слободарските листи.

Според Фридомхаус, Македонија е на 99-то место во светот според слободата на печатот, сместена меѓу делумно слободните земји. Македонија има најнеслободни медиуми на Балканот, ќе биде заклучокот од листата на Светскиот економски форум, каде бевме рангирани на 102 место од вкупно 138 земји во однос на слободата на печатот. Според извештајот, пак, за 2010-та на Репортери без граници, се најдовме на 68 позиција, односно, споредено со 2009-та, Македонија се помести за 34 места кон понеслободните земји!

Што се случи за оваа една година за да спаднеме на такво дереџе, та дури и Танзанија, Суринам и Боцвана да бидат подобри од нас во однос на слободата на медиумите?

Едноставно, сите кои не се кучиња – чувари на власта, поточно булдози кои се лигават пред пастирот, а апат и лајат кон сите кои вождот го гледаат во поинакво светло, се соочуваат со „стапот“. Од морковот, пак, грицкаат апологетите мотивирани токму од ваквата „храна“ која патем сите ја плаќаме. За „дивно чудо“, суетниот Груевски пропуштил да се пофали какви успеси постигнал на ова поле!

Ако справувањето со „злогласниот“ Велија го навезе во отчетот како гобленче Пајажина, тогаш зошто во овој црн список не се избоцка и скандалот Шише? Зошто го нема германскиот трофеј во книгата на успеси? Зарем Груевски не смета дека, да го средиш ем прилагодиш ВАЦ на портокаловите ноти, не е голем чекор за секоја една Преродба, особено неговата? Или, успехот на унгарските власти не сака да си го присвојува?

Да, за ТВ газдите сум пишувала многупати, овојпат инспирацијата за овој наш ден на слободата, ми се токму изданијата на ВАЦ, односно Срѓан Керим. Поточно, заблудите дека добивме светски бренд кој ќе ги разбие нашите балкански стандарди во новинарството, особено навиката уредувачките политики да се креираат во владините одаи. Последнава година покажа дека сепак Груевски најде чаре и за овој бренд. И од Месечината се гледа дека изданијата на ВАЦ ќе завршат според програмата на Груевски, иако тоа го нема во нивните 100 чекори, па и оние надградените. И така, некому катанец, некој, пак, ќе ја сврти политиката за 180 степени, а што би рекол еден друг медиумски газда – При промена на брзината нема ни да се прикочи, па ќе попаѓаме сите во несвест!

Веднаш да расчитиме дека секој приватен медиум има право да прави какви сака пресврти, и кадровски и во уредувачката политика, ако тоа му носи полза на пазарот и поголема гледаност или читаност, ем доверба кај публиката. Легитимниот наш интерес гласи, дали ваквите тумби се одвиваат според владина партитура? Дали власта со своите моќни механизми успеа да го прероди ВАЦ во нивен мегафон, како што со слични методи ги скроти обичните домашни медиумски ѕверки?

За да ги поткрепам ваквите оправдани сомнежи, ќе го вратам филмот малку наназад. Едноставно, некогаш е добро да се препрочитаат некои постари објави и изјави. Временската дистанца дури им дава некаква чудна визионерска димензија!

БИДИ ПОУМЕРЕН КОН ВЛАДАТА И ДОБИВАШ ТЕНДЕРИ

Пред само еден месец се случија одредени турбуленции во МПМ. Извори од внатре тврдеа дека власта сака да стави рака и на трите изданијата на македонскиот дел од ВАЦ – Дневник, Утрински и Вест. Беше објавено дека имало жестоки дискусии откако првиот човек на МПМ, Срѓан Керим, им соопштил на уредниците дека Утрински весник сака да го ликвидира. Уште повеќе, дека Керим барал уредниците сами да ги бркаат вработените, што тие одбиле. Како вишок биле проценети 50 вработени од Утрински, 10 од Дневник и двајца од Вест. Имаше закани и со штрајк, па, откако во приказната се вклучи и новинарскиот синдикат, страстите привремено се потсмирија.

Новинарите посебно реагирале на предлогот, Дневник да стане близок до власта. Им било образложено дека Македонија е сиромашна земја, демократија назадена и заради тоа ВАЦ морал да се врзе со власта.

Од тука била донесена одлука, Дневник да биде конзервативен весник, десноориентиран и да ги собере сите реклами. Оние новинари кои нема да се согласеле со политиката, или ќе биле избркани или сами да си заминеле. Раководството планирало и на колумнистите од типот на Фрчковски, да им се заблагодарат за досегашната соработка, така барем информираше ТВ А1.

Во својата Публика, пак, Керим не демантираше дека се работи со владата како Дневник да го смени курсот, туку острицата ја насочи кон други адреси, па дури и поединци во нивните сопствени редови. Демек, во МПМ, кои биле нервозни оти не можеле да протнат свои и туѓи влијанија и интереси под фирма – заштита на „светоста“ на уредувачката политика. Ова директно оди на душа на дел и од уредничкиот и менаџерскиот тим, оти, нели, во ВАЦ никој не се мешал во тоа, особено не Керим!

Сега малку ќе шарам временски, па ќе ја вратам приказнава поназад. Пред приближно една година, сега веќе знаеме дека „шишето“ тогаш било на увид на Груевци, МПМ се освежи со повеќе нови менаџери. Почнувајќи од Горан Гаврилов, сопственикот на националното Радио 77, потоа Роберто Беличанец, Перо Димшоски и колегата Зоран Димитровски. Многу бргу Гаврилов ја спука дебело со Керим. После интервјуто во Фокус, каде проговори за двојните игри на Срѓан, доби и шут карта!

Поентата и тогаш беше дека се потребни реформи, но и отпуштања во системот на македонскиот дел од ВАЦ. Но, дека откако уредниците се заканиле со бунт, за да не бидне брука, ја смириле работата. Новиот управител на МедиаПринт Македонија (МПМ), кој експресно стана екс-управител, Горан Гаврилов, откри тогаш и дека филозофијата на Керим била дека весниците треба да бидат „поумерени кон Владата, за да добиваат тендери“.

Дали е тоа кредо и на германски ВАЦ, којзнае, но, многу од она што Гаврилов тогаш го раскажа, ако и делувало претенциозно, времето покажа дека не било млатење „празна слама“. Плус, веќе исплива и фамозното шише!

На пример, барем така беседеше Гаврилов, Керим сметал дека Утрински весник бил многу близок до СДСМ, а дека тоа мора да се промени. Да се сврти кон ВМРО-ДПМНЕ или целосно да се изолира!

„Имаше идеја, двајца врвни новинари од Дневник да ги префрлиме во Утрински весник. Така, Дневник да остане чист, а Утрински да се изолира со многу помал тираж. Но, со тоа, влијанието би му се намалило и на Утрински, а Дневник би ослабнал без тие двајца новинари“, раскажа Гаврилов, потврдувајќи ги шпекулациите дека „неподобните“ во Дневник биле Катерина Блажевска и Васко Попетревски.

Арно ама, цврстиот Керим се предомислил откако разбрале уредниците, ем главниот уредник Кокаланов се побунил, но и Гаврилов не се согласил. Патем, главните уредници на изданијата на МПМ испратија и апел до Омбудсманот во централата „да не дозволи балканизација на ВАЦ во Македонија“ уверувајќи го дека се цврсто решени со сите средства да ја бранат својата професија!

СТЕГНИ ГИ ЗА ЈАЈЦА, ЗА ДА ИГРААТ НА ТВОЈА СВИРКА

И, лошиот Гаврилов замина, ама колегите, за жал, не куртулија од зацртаната судбина. Од лани до сега, двајца главни уредници, на Утрински весник и на Дневник, Љупчо Поповски и Сашо Кокаланов, предвреме ја завршија својата уредничка кариера. Зошто, никој јавно не проговори, иако тој молк е навистина чуден. Очекував барем да ја одгатнат енигмата: Дали сепак не успеаја да ја спречат балканизацијата на ВАЦ?

Но, како што реков, ако причините се економски, тогаш не би се занимавале толку со ваквите потези, освен од синдикален агол. Сепак, во центарот на сомнежот е суровата политика. Гаврилов откри еден занимлив момент. Дека имале навистина проблем со владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако претходно им доаѓале околу еден и пол милион евра од владата за разно-разни владини огласи, тие лани веќе им биле секнати. И, барем според наводите на Гаврилов, Керим не се разликувал воопшто од домашните медиумски тајкуни, освен што е обвиткан со германски целофан. Секнатата славина од владата, го довела до мудрата размисла дека „мораат да бидат малку поблиски и пофлексибилни“ поумерени кон власта. Да не ја иритираат владата, за да можат побрзо да добиваат тендери!

Во меѓувреме, заминаа и бренд менаџерите Беличанец и Димшоски. Од целиот кадровски пакет, остана само Зоран Димитровски, кој стана главен и одговорен уредник на Дневник.

Тоа што и самиот се декларира за десничар, не мора да значи дека Дневник ќе стане провладин. Особено што самиот тврдеше дека Груевски и неговата ВМРО отстапиле од конзервативната идеологија. Сепак, во меѓувреме, како што предвидуваа „наречниците“ неколкумина колумнисти, сосе Фрчкоски, веќе не се на страниците на Дневник. Ако тоа им го крене тиражот, секоја чест мајстори. Ако им го засили дотокот на парите од владата, без промени во продажбата на весникот или можеби пад на тиражот, тогаш ќе биде јасно дека е во прашање обична политичка проституција!

Но, има уште еден банален детал, кој филигрантски го отсликува медиумскиот профил на Срџан Керим. На ова се сетив откако бидна „преродбата“ на колумнистите во Дневник. Во време кога го објавивме интервјуто со Гаврилов, во својата колумна во Фокус, со одредени свои ставови на друг сегмент од си-ви-то на Керим, пишуваше и Јанко Бачев. Но, генералниот менаџер на МПМ прати реакција само за наводите на Бачев, и притоа ми навести дека ќе ме дадел и на Судот на честа при ЗНМ, тие да ми судат што како главен уредник сум дозволила тоа да се отпечати. Ете така Керимчо ги апсолвира колумнистите. Веројатно треба и на редакциски состанок да ги викаме и теми и тези да им задаваме!

Убедена сум дека Илија Димовски од ДПМНЕ сега му е потаман со ставовите. Согласно светските стандарди, де, на ВАЦ за колумнистите!

Но, кроце-кроце, доаѓаме до уште една дилемма: Дали е сета оваа ,преродба, на ВАЦ во Македонија мотивирана само од „економски“ мотиви? По балкански мерила тоа му доаѓа уште повеќе да се истакнеш кај главниот огласувач, кај нас е тоа Владата, за да заработиш? Или, согласно уште еден наш специјалитет, иако го има и на други меридијани, станува збор за докажаната формула – држи го некого за јајца, за да ти игра на твоја музика? Да, за случајот со шишето мислам. Дали Керим е ставен во шишето на Груевски од кое не може лесно да се извлече?

МИЈАЛКОВ И ВОЗАЧОТ ГО „КРИЕЛЕ“ СКАНДАЛОТ ОД КЕРИМ?!

Да се потсетиме, унгарските власти открија дека 750 илјади евра скриени во шише пренесувал возачот на Срѓан Керим. Според дописот од Будимпешта, во кој е евидентирана изјавата на возачот, парите биле на МПМ, а ги носел во МедиаПринт Виена. Откако А1 бомбастично ја откри оваа далавера, Керим тврдеше дека не чул за такво нешто. Она што беше уште поскандалозно е дека документот од Унгарија цела година фаќал прашина во ДБК, кај пријателот на Керим, Сашо Мијалков.

И, имам силен впечаток дека сѐ ќе завршеше на ќорфишек, оти, нели, на А1 не треба да и се верува, доколку опозициската СДСМ не поднесе кривична пријава против Горан Трајковски од УЈП и Горадана Јанкуловска од МВР. Не знам што правеле претходно цела година, ама дури потоа нешто „као“ се фатија за работа. На почетокот на април, Трајковски дури соопшти дека работат на случајот и дека двајца ќе одговараат за нелегално пренесување кеш од земјава. Едното лице според Законот за спречување на корупцијата, а второто заради неоданочен стекнат имот. Просто сум шокирана, како оние што „први дознаваат“ а се блиски до властите, до сега не  го открија идентитетот на двоецот, како што однапред ги дознаваат сите пикантерии за Пајажина, на пример?!

Нејсе, според најавите од УЈП, аферата требаше да има разрешница до крајот на април. Се разбира, не е страшно да мине и некоја недела повеќе.

Но, навистина е интересно да чуеме што ќе ни соопштат Груевци. Централата на ВАЦ по интерната истрага тврдеше дека не е можно да се затаи толкав износ на пари од МПМ. Но, ако парите не се на МПМ, а документот од Унгарија е „оригинал“ тогаш едвај ја чекаме разврската на мистеријата: Чии пари носел во Будимпешта личниот возач на Керим, Душан Огњановски? Ама, кутриот Срѓан, ем возачот му, ем Мијалков пријателот му, цела една година криеле од него за случката!

Во секој случај, откако Керим се справи со поединците што биле нервозни што не можеле да протнат свои и туѓи влијанија и интереси под фирма – заштита на „светоста“ на уредувачката политика, добро упатени извори во целава ,спрдачина, прогнозираа дека на крајот, целата афера ќе заврши само со парична казна, која ќе му биде одредена на возачот на Керим, а ќе се утврди дека парите не се на МПМ. Само што дури и овие познавачи на ваквите игранки, не се паметни да „докучат“ како ќе се изведе оправдувањето – од каде возачот на Керим нашол 750 илјади евра? Туку, зарем некој разјасни како возачот на Војо Михајловски стана акционер во Македонска банка?!

И така, конечно морам да признаам дека во некои нешта ВАЦ во Македонија не излезе од балканската матрица. Дали шишето беше клучот кој ја предизвика сета реформа од лани, првин неуспешна, а сега веќе во зорт беа сторени неколку преродбенички чекори? Новиот уредник на Дневник, десничарот Димитровски, самиот обнароди, а и лично бев сведок кога телефонски разговораше со Груевски, дека премиерот му признал дека со Керим договарале главен уредник на Дневник.

Дали тоа што Груевски му раскажа дека тогаш бил за него, ама Керим одлучил за Кокаланов, сега било причина Срќко да реагира со задоцнето палење, не е толку важно. Лично би сакала, како што Жоро тогаш призна дека, сепак, иако е кабинетски производ „Кокаланов умее да покаже дека не размислува со главата на Протуѓер“ и тој да умее да го покаже истото!

После се, уште позабавно ми звучи она што СДСМ го веќава, дека тие ќе ни ја вратат слободата. Веројатно затоа што токму тие беа и првите што ни ја украдоа. Груевски само ги надгради до невидени размери!

Репринт
ГРУЕВСКИ ДОГОВАРАЛ ГЛАВЕН УРЕДНИК НА ДНЕВНИК!

Во Фокус од 19 септември 2008 година, излезе текст на тема: Како власта ги урива медиумските бастиони, со наслов – ЗА ГРУЕВСКИ МЕДИУМИТЕ СЕ ОГЛАСНА ТАБЛА НА ПРЕРОДБАТА. Автор на оваа одлична анализа беше колегата Зоран Димитровски, тогаш заменик главен уредник на Фокус, сега главен уредник на Дневник.

Во целост го пренесуваме делот, каде Димитровски го споделува со јавноста неговиот телефонскиот разговор со премиерот Никола Груевски, а токму поврзано со изборот на уредникот на весникот на ВАЦ – Дневник, во тој случај Сашо Кокаланов!

ПРЕДИЗБОРЕН ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОР СО ПРЕМИЕРОТ

Една недела пред изборите, најверојатно револтиран од моите пишувања во Фокус за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот ми се јави на телефон и ми рече: „Пред неколку дена, гостував во едно вечерно ноќно шоу, каде што неговиот водител во неформален разговор ми кажа дека твоите пишувања во Фокус против ВМРО-ДПМНЕ и против мене, се веројатно мотивирани од тоа што не си станал главен и одговорен уредник на Дневник!

Значи, ти се јавувам за да ти кажам дека доколку твојата негативна енергија кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ произлегува од тоа што не си станал главен и одговорен уредник на Дневник, тогаш само да ти го соопштам следново: Иако не те познавам, по препорака од други луѓе јас бев за тоа ти да станеш главен уредник на Дневник! Значи, да го имаш предвид само тоа!“

Јавувањето за мене беше шок од повеќе причини. Прво, што друго, ако не директен политички притисок претставуваше телефонското јавување на еден популарен и моќен премиер во екот на една изборна кампања на еден новинар од политички неделник во приватна сопственост, со прекор дека имам негативна енергија кон него и кон партијата на власт! Со други зборови, тоа требаше да претставува опомена или закана – да престанам да пишувам така како што пишувам.

Второ, фактот што еден премиер сакал јас да станам главен и одговорен уредник на еден приватен дневен весник во сопственост на странска компанија, сам по себе е индикативен. Веднаш се наметнува прашањето – кој тоа ја крои кадровската политика на македонските приватни медиуми и кој ги уредува весниците во странска сопственост во демократска Македонија?

Трето, премиерот има очигледно искривено разбирање на новинарскиот занает во државава. Тој смета дека новинарите можат да го завртат перото само затоа што нема да добијат или ќе добијат одредена позиција, односно дека тие немаат никакви принципи и ставови, идеолошки или политички, сеедно.

Предвид веројатно ја имал и мојата генерална поддршка на десничарската и конзервативната политичка опција во текот на изминатите години, што сега си ја прикачува себе си и на својата партија, опција за која мојот став е дека тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ од неа отстапиле, а не јас. На Груевски му реков оти јас немам никаква негативна енергија против него, ниту против ВМРО-ДПМНЕ. Дека се обидувам најдобро што можам да си ја работам својата работа и дека во текстовите ги изразувам моите ставови.

Зошто го раскажувам ова приватно искуство со премиерот? Поради една единствена причина, да ја расветлам политиката на власта кон медиумите и новинарството. Во април годинава за главен уредник на Дневник беше именуван Сашо Кокаланов, во тој момент службеник во МНР. Како што се шпекулира, Кокаланов бил именуван по директна препорака на шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер. За волја на вистината, Кокаланов умее да покаже дека не размислува со главата на Протуѓер, и дека не е толку болно партиско решение за оваа позиција. Не верувам дека Срѓан Керим за да стане претседателски кандидат има намера своите весници да ги жртвува на олтарот на Преродбата.

Поврзани новости