Два и пол месеци по апсењето, екс министерот Митко Чавков го посети обвинителството за организиран криминал на распит како осомничен за крвавиот четврток. Чавков вчера повеќе од два часа ја давал својата одбрана пред обвинител, се бранел дека не сторил ништо како директор на полицијата за што е осомничен за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Неговиот адвокат потврди дека распитот е одржан, но дека не може да сподели детали бидејќи обвинителот што го водела распитот неколкупати му кажала да не споделува информации.

Чавков меѓу другото, според информации на Телма, првин ја објаснувал улогата на златната и сребрена команда, синџирот на командување кој требало да определи кога ќе се почне акцијата во Собранието. На врвот на таа команда бил Чавков, а полицијата на 27-ми април доби команда да си ја сработи обврската цели два и пол часа по упадот на демонстрантите во Собранието.

Обвинителот на распитот на Чавков пак му кажал дека сите прописи и процедури за златната команда се во досието на истрагата и се познати на обвинителството. Преку движењето на неговиот мобилен телефон, утврдено е дека Чавков на 27-ми април за време на крвавите инциденти бил во центарот на Скопје каде бил фатен на три базни станици, меѓу кои и на базната станица ВМРО. Чавков во јавен настап потврди дека бил во центарот на Скопје, но од приватни причини, а токму во тој период како директор на полицијата не му одговарал на министерот Агим Нухиу, а како прв човек на златната команда имал можност веднаш да нареди полициска интервенција.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.