Алачка нема кривично да одговара за сообраќајната несреќа во која почина пешак

by Фокус

Основното јавно обвинителство донесе решение според кое нема да ја гони Андријана Алачка за сообраќајната несреќа што се случи на 9 октомври минатата година. Сообраќајната несреќа се случи на улица Рузвелтова во Скопје, кога почина еден пешак. Од обвинителството информираат дека по прибирање на сите материјални докази и факти и по исцрпно разгледување и анализа, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел решение за отфрлање на кривичната пријава.

Во текот на постапката од страна на одбраната биле доставени две вештачења, согласно кои кај осомничената не постои вина за настанување на незгодата. Вештачење поднело и семејството на починатиот, кое пак се разликувало од претходните две.

„Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со наредба е наложено ново вештачење, согласно кое возачот не направил пропусти, а пешакот е тој кој има направено пропусти кои се причинско последично поврзани со настанување на незгодата. Од страна на оштетените – законски застапници на сега починатото лице, доставено беше вештачење кое по наодот и мислењето се разликуваше од другите вештачења. Со цел разјаснување на контрадикторностите, а во насока на утврдување на фактите во предметот, надлежниот јавен обвинител издаде уште една наредба за вештачење, по што списите од предметот беа доставени до Бирото за судски вештачења на тим од вешти лица од областа на сообраќајот“, велат од обвинителството.

Оттаму додаваат дека од новиот вешт наод и мислење на тимот од вешти лица при Бирото за судски вештачења произлегува дека возачот во конкретната ситуација реагирал соодветно на дадената ситуација.

„Имено, во околностите кои се создале со неправилното и невнимателно преминување на пешакот преку коловозот надвор од пешачки премин, возачот немал техничка можност да ја избегне незгодата. Тимот од вешти лица констатира дека опасната ситуација ја создал пешакот, а возачот немал никаква техничка можност за избегнување на незгодата. Со добиеното вешташење од тимот вешти лица од Бирото за судски вештачења се потврдија наодите од предходните вештачења, со што јавниот обвинител не поклони верба на заклучоците дадени во вештиот наод и мислење доставен од оштетените, бидејќи истите се спротивни со заклучоците на сите останати вешти лица“, велат од обвинителството.

Оттука во обвинителството заклучиле дека осомниченото лице во целост постапило согласно сообраќајните правила и прописи, а јавниот обвинител утврди дека во дејствијата на осомниченото лице нема елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

Поврзани новости