Ахмети предложил три министерски места да добие опозицијата

by Фокус

Лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, денеска во Стразбур треба да оддржат средба во насока на надминување на политичката криза, во присуство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит.

Ова следува по вчерашната втора лидерска средба што се оддржа во Скопје, на која учествуваа и лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, а во улога на медијатори беа амбасадорот на САД во земјава Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав.

Според неофицијалните информации, Ахмети доставил предлог за надминување на кризата со формирање на работни групи, а, како што дознаваме, воедно предложил да се направи дополнителна владина мини-реконструкција, по која три битни министерства ќе и припаднат на опозицијата.

Партиски извори велат дека Тачи прокоментирал оти за тоа вреди да се разговора поради сериозноста на политичката ситуација, додека Груевски барал време да размисли за предлогот.

Заев, додаваат истите извори, ја одбил секоја варијанта која не вклучува формирање на преодна влада без Груевски на премиерското место, како предлуслов да започнат преговори за решавање на отворените прашања.

Поврзани новости