На ден пред големиот државен празник Илинден, во време на судските одмори, скришум, oбвинителството соопшти дека нема да поведе кривична постапка против министерката Гордaна Јанкулоска за незаконско примање 80.000 евра во кеш, донација за ВМРО-ДПМНЕ.
Ова денеска го соопшти Дамјан Манчевски, потпреседателот на СДСМ и додаде дека ова е уште една потврда дека во Македонија не функционира правната држава и дека станува збор за уште еден доказ дека не постои одвоеност на владејачката партија од државата.
Во образложението на Јавното обвинителство за тоа зошто се одбива пријавата стоело: „Во Статутот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во члeнот 17 не стои одредба според која генералниот секретар е орган на партијата, туку истиот според одредбите на Статутот по функција е член на Извршниот комитет на партијата, при што неговите надлежности исклучително се само во доменот на административно – технички работи“.
„Господине Зврлевски, каде во Статутот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ пишува дека Јанкулоска може да прима пари во кеш? Дали според Вас постои функционер во било која партија кој има овастување да прима 80 илјади евра во кеш? Доказите што СДСМ ги презентираше во јавноста, каса прими, со печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис, Зврлевски ги отфла без графолошко испитување кое со сигурност можело да потврди дали потписот е на Јанкулоска. Не се земени предвид ниту исказите на сведокот Загорац Тумбовски кои го потврдуваат кривичното дело“, рече Манчевски.
Тој рече дека ниту очекувале, ниту пак очекуваат Зврлевски професионално и непристрасно да си ја врши својата работа.
„Презафатен е од балови и журки на кои оди со Груевски и Мијалков“, вели потпретседателот на СДСМ.