Жерновски: Ако се случи нешто на Водно, ќе ви се јавувам да ве потсетам како сте гласале!

Во очекување на гласањето на советниците од Општина Центар, кои повторно одлучуваат за двата спорни детални урбанистички планови со кои се предвидува и изградба на десеткатница на Водно, се огласи градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.

„Ако се случи нешто на Водно, на секои пет минути ќе ви се јавувам, на вас советниците, да ве потсетам како сте гласале. Сите ќе дознаат кој гласал за десеткатница на Водно“, рече Жерновски.

На ова, советниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека градоначалникот не смее да ги заплашува граѓаните дека е можно да се случи било што со Водно доколку се изгради десеткатницата. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во извештајот од ИЗИС стоело дека не е сигурно да се гради во близина на локалитетот, а не на самиот локалитет. Тие го обвинија Жерновски за селективно информирање на јавноста, а градоначалникот не сакаше да го коментира ова, бидејќи, како што рече, и самите советници од ВМРО-ДПМНЕ се смееле на ваквата изјава.

Пред две недели советниците на ВМРО-ДПМНЕ поддржани од претседавачот Мирослав Шиповиќ ги поставија точките на дневниот ред, по што останатите советници од СДСМ и од коалицијата ја напуштија седницата во чие продолжение 11 советници од партијата на Груевски гласаа за плановите, додека Шиповиќ се изјасни против.

Иако потегот на Шиповиќ беше сфатен како обезбедување на кворум за гласањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш се испостави дека оваа одлука не е легална бидејќи не е донесена со мнозинство од вкупниот број на советници. Според владејачката партија, одлуката од минатата седница е легитимна, бидејќи законот упатувал на статутот, а статутот на деловникот според кој одлуката можела да се донесе со просто мнозинство.

Гласањето за двата спорни ДУП-ови се очекува да се случи во секој момент. Овојпат, Шиповиќ ќе мора да гласа „за“ или „против“ за да падне конечната одлука дали на Водно ќе никне десеткатница.

Поврзани новости