Зошто сестрата на Бесмира Ејупи била ангажирана од ДИК?

Фатиме Ејупи била во помошно тело за избори во Дебар и Центар Жупа, вели за Фокус Александар Даштевски, претседател на Комисијата.

by Фокус

И Фатиме Ејупи, сестра на ТВ-презентерката која се споменуваше како кандидат за генерален конзул во Њујорк – Бесмира Ејупи, соработувала со Државното правобранителство под договор на дело, а двете сестри од оваа институција предводена од Фехми Стафа досега добиле речиси идентична сума од по околу 4 илјади евра.

Меѓутоа, податоците од базата „Отворени финансии“ покажуваат дека Фатиме Ејупи била ангажирана и од Државната изборна комисија, која на самиот крај на истекот на ланската 2021 година и исплатила 60.000 денари или илјада евра, поради, како што ни изјавија од ДИК, ангажман во помошно тело за избори во општините Дебар и Центар Жупа.

Како што вели за Фокус претседателот на Комисијата Александар Даштески, вакви помошни тела се формираат во пресрет на секои избори во општини каде подрачните единици не располагаат со доволно луѓе, па мора да се ангажираат дополнителни кадровски ресурси за да се извршат обврските.

Во Дебар, Центар Жупа, Делчево, но и други општини често се формираат помошни тела пред избори, кога има работа околу ажурирање на избирачкиот список, собирање на потписи, прием на листи… Најчесто, се ангажираат искусни луѓе од Собрание и други институции, кои ги одобруваат сите членови – вели Даштевски, кој додава дека, сепак, не ја познава Ејупи.

Кога Фокус ја отвори темата за трансакциите кон Бесмира Ејупи, од ДП ни изјавија дека, поради недостиг на кадар, таа била ангажирана со договор на дело за вршење на студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување на комуникација со медиумите, Владата и други државни органи, подготвување на стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата.

Но, веќе неколку денови чекаме одговор од институцијата зошто била ангажирала и нејзината сестра Фатиме Ејупи и кои се нејзините работни задачи во рамки на институцијата? Исто така, прашавме колку лица моментално се ангажирани под договор на дело, зошто имало потреба за нивниот ангажман и колку средства се издвојуваат за нив?

Откако ги обелоденивме информациите дека Ејупи од правобранителството и четири општини (Сарај, Петровец, Чаир и Брвеница) наплатила околу 12 илјади евра за нецела година, Антикорупциската комисија отвори предмет за проверка на основите за исплатиле, па доколку се утврат елементи на кривично дело, Јавното обвинителство најавува дека ќе преземе кривичен прогон.

В.С.

Поврзани новости