И Обвинителството ги следи информациите за исплати кон Ејупи

Доколку при постапката на ДКСК бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе постапиме согласно своите надлежности ќе преземеме кривичен прогон, ни одговорија од ЈО.

by Фокус

Јавното обвинителство ги следи информациите во врска со исплатите од Државното правобранителство и општините Сарај, Петровец, Чаир и Брвеница кон Бесмира Ејупи, која беше споменувана како кандидат за генерален конзул во Њујорк.

Како што ни изјавија од ЈО, ќе постапуваат во координација со Државната комисија за спречување на корупција, која веќе отвори предмет по пишувањата на Фокус дека 5 институции преку 39 трансакции за нецела година и исплатиле околу 12.000 евра на Ејупи.

Доколку при нивната постапка бидат утврдени елементи на кривично дело во наведените исплати, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности и ќе преземе кривичен прогон“, ни одговорија од обвинителството.

Како што објавивме,  најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруар годинава.

Како што велат од правобранителството, Ејупи ја ангажирале со договор на дело за извршување на повеќе работни задачи поради недостиг на соодветен кадар, кој, како што истакнуваат, не можел да се обезбеди преку постапките за редовни вработувања.

Со лицето Бесмира Ејупи е склучен договор на дело за вршење на студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување на комуникација со медиумите, Владата и други државни органи, подготвување на стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата…“, стои во одговорот што го добивме од ДП.

Во последниот број на неделникот Фокус, пак, пишуваме и за исплатите што оваа институција ги извршила кон сестрата на Ејупи – Фатиме Ејупи, која од ДП во истиот период инкасирала над 4 илјади евра, како и дополнителни илјада евра од Државната изборна комисија.

Инаку, правобранителство функционира според посебен Закон, кој содржи релативно флексибилни критериуми за избор на државен правобранител во поглед на работното искуство, меѓутоа еден од условите е тој „да ужива углед за вршење на функцијата“.

Исто така, во овој контекст исклучително битен е став 4 од член 9 од Законот за државно правобранителство, кој пропишува дека „државниот правобранител е должен да го чува угледот на функцијата“.

Целиот текст може да го прочитирате во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости